Владата итно да ги поништи одлуките и јавните повици за концесии за геолошки истражувања на металични минерални суровини во источна Македонија, побараа 26 граѓански организации, иницијативи и платформи. Нивното барање се однесува на две одлуки – За просторот „Север-Североисток” од декември минатата година, и за просторот „Исток”, од 30 јуни оваа година, заедно со сите идни повици засновани на нив.
Организациите бараат Владата и Министерството за енергетика итно да ги запрат сите постапки во тек, вклучувајќи го приемот и оценувањето на понудите, како и електронската аукција закажана за 6 август. Двете одлуки заедно опфаќаат вкупно 29 општини, речиси целиот источен и југоисточен дел на земјата, од Кратово и Крива Паланка на север, до Гевгелија, Валандово и Струмица на југ.
Владата распиша продажба на рударска концесија за цела источна Македонија, објави здружението „Здрава котлина“ од Струмица кое со години се бори против отворање рудници во Македонија затоа што смета дека со тоа долгорочно се уништува животната средина. Одлуката за започнување постапка за доделување концесија за вршење на проспекциски геолошки истражувања на металични минерални суровини е објавена во „Службен весник“ е со датум од 30 јуни и е потпишана од заменик-претседателот на Владата Ључо Димовски. Три дена подоцна, на 3 јули, одлуката е објавена во „Службен весник“ со што стапува на сила.
Според потписниците на рарањето до Владата, аргументите за ова барање се и правни и еколошки. Според анализите што ги правеле овие организации, голем дел од опфатената територија веќе била предмет на претходни геолошки истражувања или постојни концесии, некои општини дури со 100 отсто од своjaта територија веќе опфатени со концесии од 2004 година наваму, меѓу нив Пробиштип, Делчево и Карбинци. Организациите тврдат дека со тоа е прекршен член 7-а став 2 од Законот за минерални суровини, кој забранува проспекциски истражувања врз простори што веќе се предмет на постапки за концесии, веќе доделени концесии, или претходно истражени подрачја. Според нив, министерството било должно однапред да ги исклучи тие површини од предлогот пред да стигне до Владата, а грешката не може подоцна да се коригира.
Организациите што стојат зад барањето, побараа и Владата во рок од три работни дена писмено да ги извести за преземените мерки, и очекуваат целосно поништување на постапките, во согласност со законот.
На kрајот на јуни имаше протести од еколошки здруженија кои бараа раскинување на концесиите за рудникот Иловица-Штука, откако Вишиот управен суд во мај го врати спојувањето на концесиите во игра. Здружението „Здрава котлина” веќе повика на „масовен отпор” против истата владина одлука за просторот „Исток”, повикувајќи на паралела со концесиите од 2014 година, кои тогаш предизвикаа граѓански протести и локални референдуми во Гевгелија, Валандово и Струмица. Лани, пак, властите најавија раскинување на 45 концесии во рударскиот сектор поради непочитување на законот или еколошките мерки.


