Нови израелски напади врз Појасот Газа и покрај мировниот договор

Објавено:

Најмалку 12 лица загинале во израелски напади извршени врз Појасот Газа во последните 48 часа, соопштија палестинските власти, а пренесоа новинските агенции.

Нападите на Израелските одбранбени сили (ИДФ) продолжуваат и покрај примирјето постигнато во октомври минатата година меѓу Израел и палестинската група „Хамас“ по двегодишната војна.

Тројца членови на едно семејство загинале вчера во напад во централниот дел на Појасот Газа, соопшти медицинскиот персонал од болницата „Ал Акса“.

Жена и шестмина полицајци биле убиени при воздушен напад врз полициска станица во густо населениот бегалски камп Џабалија, во северниот дел на енклавата.

Еден маж загинал при бомбардирање на шаторски камп во јужниот град Кан Јунис.

Според палестински здравствени работници, израелски војници застрелале дете во областа Муваси, во близина на градот Рафа на границата со Египет.