Кризната состојба за нафта и нафтени деривати е продолжена до 20 октомври. Оваа одлука ја донесе Владата на последната седница на 17 јули, поради можноста од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
„Со донесената одлука, рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 20 октомври, со што се обезбедува континуитет во институционалното постапување и навремено преземање на мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати“, се вели во владиното соопштение.
Од Владата велат дека со оваа одлука се создава правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања.
Првата кризна состојба годинава беше прогласена 22 март 2026 година на седница на Владата. Првично одлуката важеше 30 дена, а наредниот месец беше продолжена на три месеци. Ова е трета одлука за продолжување на рокот. Причината за прогласувањето се повторно зголемените геополитички тензии на Блискиот Исток и ризикот од прекин или нарушување на синџирите за снабдување со нафта.
Во меѓувреме Регулаторната Комисија за Енергетика ја измени методологијата за пресметка на транспортните трошоци, премијата и трговската маржа за нафтените деривати за полесно приспособување кон нестабилниот пазар.


