САД повторно го нападнаа Иран

Објавено:

Американската војска соопшти дека започнала нов бран воздушни напади врз цели во Иран за да помогне во обезбедувањето на Ормутскиот теснец, само неколку часа откако претседателот Доналд Трамп изјави дека повторно воведува блокада на овој клучен воден пат.

„Овие напади ќе продолжат да нанесуваат голема штета на иранските сили и да ја нарушат нивната способност да напаѓаат невини цивили и комерцијални бродови во Ормутскиот теснец“, соопшти американската Централна команда доцна на 13 јули, трет ден од почетокот на нападите.

Иранските државни медиуми објавија експлозии на неколку острови долж јужниот брег на Иран, вклучувајќи ги Киш, Кешм и Абу Муса.

Нападите се најновиот знак за пропаѓање на договорот потпишан минатиот месец, во кој беа утврдени условите под кои двете страни ќе преговараат за мировен договор.

Американските медиуми претходно на 13 јули објавија дека Трамп го известил Конгресот во текот на викендот дека САД повторно се во војна со Иран, започнувајќи 60-дневен период во кој може да ја користи војската за извршување напади без формално одобрение од пратениците.

Во разговор со новинарите во Белата куќа доцна на 13 јули, Трамп рече дека нападите имале за цел да ги оневозможат можностите на Иран да го наруши поморскиот сообраќај во теснецот.

Тој додаде дека и покрај трите ноќи последователни напади врз Иран, договор за прекин на конфликтот е сè уште можен.

„Да, мислам дека е можен договор. Секако дека мислам“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба. „Имавме договор со нив пред два дена, а потоа тие рекоа: „Не можеме да го постигнеме тој договор. Мораме понатаму да преговараме за тоа“, рече Трамп.

Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГК) објави дека единствен начин да се врати редовниот превоз низ Ормускиот теснец е да се стави крај на американската воена интервенција во тој воден пат.

Врховната здружена воена команда на Иран објави дека САД немаат никаква улога во одлучувањето за иднината на Ормутскиот теснец, предупредувајќи дека земјите што соработуваат со Вашингтон „ја носат целосна одговорност за каква било несигурност и ескалација на војната во регионот“.

Пред да стане едно од главните боишта на конфликтот меѓу САД и Иран, ви мирно време, низ Ормутскиот теснец поминува околу една петтина од светскиот енергетски транспорт.