Продолжуваат смртоносните борби во Либан, договорот меѓу САД и Иран под закана

Објавено:

Израелските напади врз јужен Либан денеска, 20 јуни, убиле најмалку 16 лица, вклучувајќи две деца, јавуваат светските агенции. Нападите следуваат неколку часа откако се појавија информации за договор за прекин на огнот. Постојаните борби го загрозуваат привремениот договор меѓу САД и Иран за прекин на војната на Блискиот Исток, пишува агенцијата Асошиетед Прес.

Либанската Национална новинска агенција соопшти дека нападите го погодиле јужниот град Набатија и околните села. Најмалку седум лица останале заробени под урнатините, соопшти таа.

Медијаторите се обидуваат да ги запрат борбите меѓу Израел и милитантната либанска група Хезболах, откако во жестоката размена во петокот загинаа најмалку 47 лица во Либан и четворица израелски војници.

Израелски воен претставник изјави дека Хезболах испукал повеќе од 50 проектили кон израелските сили во јужен Либан преку ноќ, што ја натера војската да почне да ја таргетира милитантната група таму, јави АП. Службеникот зборувал анонимно, во согласност со прописите.

Армијата соопшти дека погодила десетици цели на Хезболах и милитанти во јужен Либан, вклучувајќи позиции за лансирање ракети и командни центри на Хезболах.

Во петокот, израелскиот амбасадор во Вашингтон, Јехиел Лајтер, на платформата X напиша дека Израел „останува цврсто посветен на моментален прекин на огнот“ доколку Хезболах го почитува договорот и ги прекине непријателствата.

Хезболах соопшти дека се обврзал на прекинот на огнот, но го обвини Израел за неговото кршење неколку пати во петокот навечер. Во соопштението издадено од военото крило на групата се вели дека ќе се придржува до прекинот на огнот, но исто така ќе ги одбие нападите на израелските трупи.