Словенија планира 50 илјади административци да ги префрли во стопанството

Објавено:

Словенечкиот премиер Јанез Јанша најави дека сака околу 50 илјади вработени од јавниот сектор постепено да преминат во стопанството, појаснувајќи дека тоа не значи масовни отпуштања, туку намалување на бројот вработени во администрацијата преку природен одлив и преминување на дел од нив во стопанството.

Според него, Словенија во времето на осамостојувањето имала околу 126 илјади вработени во јавниот сектор, додека сега нивниот број изнесува приближно 196 илјади.

Јанша рече дека дел од зголемувањето на бројот на вработените било оправдано поради развојот на здравството, социјалната заштита и другите јавни служби, но сепак смета дека слично зголемување на бројот на вработените во државната и јавната администрација не било потребно.

Затоа најави „меко“ и постепено пренасочување на вработените, без масовни отпуштања. Дел од намалувањето на бројот на вработените би се постигнал преку природен одлив, односно со заминување во пензија и непополнување на сите испразнети работни места.
Како аргумент за пренасочувањето на вработените, Јанша го наведе недостигот од работна сила во словенечкото стопанство.

Последни објави