Покренато обвинение против човекот што запали возила пред бугарската амбасада во Скопје

Објавено:

Обвинение против лице кое на 15 јуни пред Амбасадата на Бугарија во Скопје запалило возила користени од военото аташе и други вработени во амбасадата, поднесе на 16 септември македонското Обвинителство.

Според обвинението, осомничениот претходно наполнил пластично шише со бензин на блиска бензинска пумпа, ги полеал возилата и ги запалил, по што избегал од местото. Обвинителниот акт е поднесен од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје. На обвинетиот му се става на товар кривичното дело „Загрозување лица под меѓународна заштита“.

Според обвинението, со предизвикувањето на пожарот била создадена значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита. Настанот се случил на 15 јуни околу 12:05 часот.

Според обвинителството, обвинетиот се упатил кон амбасадата со шише наполнето со бензин, по што ги полеал и ги запалил паркираните возила што ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во дипломатското претставништво.

Обвинителството побара од судот да му го продолжи притворот, со образложение дека и натаму постои опасност обвинетиот да стане недостапен за органите на прогонот и да го попречи кривичниот процес.

При предлогот за притвор, обвинителството ги земало предвид и висината на предвидената казна, како и природата на дејствијата што му се ставаат на товар, со оглед дека станува збор за лица под меѓународноправна заштита, меѓу кои и дипломатски претставници.

За делото „Загрозување лица под меѓународна заштита“, според Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од најмалку една година.

Случајот предизвика остри реакции во бугарската јавност и од бугарските власти и политички партии, а осуда имаше и од македонските власти.

Претходно во јануари годинава, беше искршена влезната врата на бугарската амбасада во Скопје. Сторителот набрзо беше откриен и приведен. Бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков, по инцидентот изјави дека настанот не може да се третира како изолиран инцидент, затоа што станува збор за дел од поширок контекст на, како што рече, напади и притисоци насочени кон бугарски институции и граѓани во Северна Македонија.

Радуков тогаш како причини ги наведе долготрајниот антибугарски дискурс во јавниот простор и, според него, отсуството на ефикасни санкции за вакви дејствија.

„Кога нема соодветна казна, се создава чувство дека ваквото однесување е дозволено. Наместо превенција, се охрабрува антагонизам“, изјави амбасадорот.

Последни објави