Антикорупциска отвори предмет за можен судир на интереси во прославата за независноста

Објавено:

Заменик-претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Бесник Џемаили, денеска изјави дека Комисијата отворила предмет за испитување на можен судир на интереси поврзан со лице за кое во јавноста се наведува дека било член на комисија за одлучување, а истовремено учествувало како изведувач во програмата за одбележување на 35 години независност.

„Како превентивно тело, Комисијата го следи случајот во рамки на своите законски надлежности, а предметот се однесува на наводите за можен судир на интереси“, додава Џемаили.

Тој појасни дека ДКСК нема отворено предмет за анализа на трошењето на финансиските средства за конкретната прослава.

Оттаму истакнуваат дека ги следат реакциите во јавноста и барањата за транспарентност при трошењето на јавните средства, како и написите поврзани со случајот. Џемаили посочи дека очекува и другите надлежни истражни органи да го следат случајот и, доколку утврдат сомневања за незаконитости, да постапат согласно своите надлежности.

Државниот јавен обвинител Ненад Савески, кој денеска го презентираше Годишниот извештај на Јавното обвинителство за 2025 година, изјави дека Јавното обвинителство ја анализира секоја ситуација од кривично-правен аспект и доколку се утврдат основи, ќе постапи. 

„Слушнав дека Антикорупциската комисија има отворен предмет, но нивната постапка не е врзана со нашата. Секако, секоја ситуација, вклучително и оваа, обвинителството ја анализира и доколку најде основи, ќе постапи“, уверува Савески.

Независноста беше одвележана со околу едномесечна прослава која вклучи низа концерти на бројни македонски изведувачи низ повеќе градови во земјава. Кулминацијата беше на 8 Септември – Денот на независноста, со музички перформанс на светски познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета на националниот стадион во Скопје. Организатор на настаните за прославата на 35 години независност беше Авалон Продукција.

Опозицијата и дел од јавноста негодуваат околу тоа колку била транспарентно организирана прославата, парите што се потрошиле и изборот на организаторот. Власта, пак, убедува дека не се потрошени пари од државниот буџет туку дека за тоа биле искористени пари од добивката што ја имало акционерското друштво Државна лотарија во 2024 година.

Како што беше објавено од владата, по завршувањето на прославата, вкупната потрошена сума за настаните била 340 милиони денари. Од нив, 300 биле од Државна лотарија, а околу 40 милиони од „општествено одговорни компании“. Според тврдењата од Илинденска бр. 2, Владата ѝ наложила на Државна лотарија да ги обезбеди парите за прославата од добивката што ја имала оваа држава компанија во 2024 година, како и да објави јавен повик за прибирање понуди за реализација на настаните. И од Владата и од Државна лотарија убедуваа дека тоа всушност не се државни туку пари на компанијата.

Опозицијата, пак, обвинува дека власта манипулира и оти тоа се државни пари со оглед дека се во сопственост на државно акционерско друштво. СДСМ бара одговори кои компании добиле пари и врз основа на кои критериуми, кога точно е букиран Дејвид Гета ако неговиот настап беше објавен само три дена откако завршил јавниот повик за избор на организатор на прославата изразувајќи сомнеж дека се било однапред договорено.

Програмата за одбележување на државниот јубилеј опфати повеќенеделен караван со концерти и културни настани низ земјата. Еден од најзначајните концерти беше на оперската ѕвезда Хозе Карерас со македонските ол-старс. Со него настапија Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Ана Дурловски, Игор Дурловски, Дешира Амети-Крлиу, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Маја Оџаклиевска и Миле Кузмановски, заедно со Македонската филхармонија. Меѓу најголемите музички имиња беа и Стив Аоки,  Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд, а финалето беше обезбедено за музичкиот перформанс на Дејвид Гета.

Последни објави