Савески: Ефикасноста на обвинителите зависи од довербата на граѓаните

Објавено:

Од довербата на граѓаните директно зависи и ефикасноста на нашата работа, порача државниот обвинител Ненад Савески на отворањето на конференцијата „Од стратегија до пракса: Јакнење на комуникацијата на Јавното обвинителство со јавноста“.

Истакнувајќи дека транспарентноста е темел на довербата меѓу јавноста и институциите, тој рече дека тоа особено важи за правосудството бидејќи „правдата не само што треба да биде задоволена туку треба да биде и видлива за сите“.

Во тој контекст, Јавното обвинителство го презентираше и нoвото лого и комуникациска стратегија на институцијата. 

„Новото лого што ќе го носиме сите јавни обвинители претставува институционално преставување, но во себе го носи и европскиот дух. Несомнено Јавното обвинителство постапува и одлучува во духот на европските стандарди и сакавме тие да бидат отсликани на симболите на логото на нашата институција“, рече Савески. 

Дека транспарентноста на јавните обвинители не значи компромититање на истрагите зборуваше претседателот на Здружението на јавни обвинители Елвин Вели кој истакна дека е потребно навремено информирање на јавноста за работата на јавните обвинители во рамките на законските можности, бидејќи јавноста има право да знае како функционира Јавното обвинителство.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајковски-Стрезоска, порача јавноста мора да има уверување дека правдата се спроведува одговорно и доследно и посочи дека новата стратегија претставува значаен исчекор во стратешки пристап во комуникација со медиумите и граѓаните.

„Јавниот обвинител веруваме дека покрај интегритет, треба да има и јасна, одговорна и етичка комуникација со јавноста“, порача Трајковски-Стрезоска. 

Од Здружението на новинари беше посочено дека во изминатите години комуникацијата на медиумите со обвинителството е подобрена, но дека тоа не е доволно.

„Во пракса гледаме претпазливост на некои од обвинителите, кои на културата на комуникација гледаат како на дополнителна обврска, што не треба да биде така, туку треба да бидат дел од нивната работа. Јавните обвинители треба да објаснат на јавноста како доаѓаат до правдата“, рече Младен Чадикоски, претседател на ЗНМ.

Настанот е организиран од Јавното обвинителство, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ и, како што е најавено, е во насока на посветеноста на Јавното обвинителство за дополнително зголемување на довербата на јавноста во јавнообвинителската работа.

Во последните неколку години довербата на македонските граѓани во правосудниот систем, вклучувајќи го и Јавното обвинителство, бележи континуиран пад. Во јавноста често се споменува и бројката од околу 2% доверба во правосудството, како аларм за кризата во овој сектор.