ЕСМ поднесе жалба за случајот со мазутот, на потег е Вишото обвинителство

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ЕСМ поднела жалба на одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за запирање на истрагата во случајот за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Додаде дека очекува  Вишото јавно обвинителство правилно да одлучи врз основа на сите факти кои се содржани во жалбата.

„ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, веќе вложи жалба на скандалозната одлука на Основото јавно обвинителство за гонење организиран криминал и очекуваме Вишото јавно обвинителство правилно да ги разгледа сите факти и да одлучи според тоа што е содржано во жалбата. Да почекаме што ќе одлучи Вишото јавно обвинителство, па потоа да коментираме“, изјави премиерот Мицкоски.

Неодамна тој рече дека е шокиран од одлуката на ОЈО ГОКК и изрази надеж дека предметот ќе биде вратен на повторно разгледување.

Од компанијата ЕСМ претходно соопштија дека жалбата е поднесена за да се укаже дека имало одредени неправилности во водењето на постапката и да се побара дополнително разгледување и контрола.

Објаснувањето на ОЈО ГОКК за запирање на истрагата за набавките на мазут е дека од доказите не се утврдило дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар ниту, пак, дека сториле некое друго кривично дело што се гони по службена должност.

Под истрага беа 13 лица и една фирма поради сомнежи за злоупотреби, незаконски договори и анекси и перење пари во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, спроведени во услови на енергетска криза во периодот 2021-2023 година.

Меѓу осомничените лица беа бизнисменот Асмир Јахоски, познат во јавноста по неговата нафтена компанија „Пуцко Петрол“, како и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Со истрагата беше опфатен и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски од СДСМ, кој е недостапен за македонските власти. Сомнежите беа дека државниот буџет бил оштетен за 167,5 милиони евра.

Истрагата за овој случај започна во март 2025 година.

Дел од осомничените прво беа во притвор, а потоа со гаранција излегоа да се бранат од слобода.

Васко Ковачевски, пак, е во бегство уште пред отворањето на оваа истрага бидејќи надлежните го гонат за злоупотреби во ЕСМ во случајот „Адитив“. Од крајот на 2024 година, за него е распишана и меѓународна потерница.