Мицкоски очекува случајот за ТЕЦ Неготино да се врати на повторно разгледување

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски бил изненаден од одлуката за запирање на истрагата за набавката на мазут во ТЕЦ „Неготино“, но денеска изјави дека има информации дека АД ЕСМ ќе ја обжали одлуката, по што се надева дека случајот ќе биде вратен на повторно разгледување. 

„Јас со неверување ја примив таа вест и искрено да кажам бев бев шокиран од тоа што го слушнав. Добро е што АД ЕСМ поранешно ЕЛЕМ најави дека штом ќе ја добие одлуката ќе вложи жалба. Очекувам  дека случајот повторно ќе биде вратен на повторно разгледување и повторно анализа“, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање по увидот на реконструираниот дел од ГОБ „8 Септември“.

Во спротивно, како што додаде премиерот, Обвинителството за гонење на организиран криминал ќе го изгуби својот кредибилитет.

„Ова ОЈО ГОК предводено од Ислам Абази, сме го коментирале, немам што дополнително да кажам. Јавноста знае за каков обвинител станува збор. Исто така, сакам да кажам дека во текот на вчерашниот ден јас разговарав и со јавниот обвинител Ненад Савески, кој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на ОЈО ГОК. Претпоставувам дека по вложената жалба од страна на АД ЕСМ случајот ќе биде преразгледан и вратен на повторно анализирање“, рече Мицкоски. 

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја запре истрагата за набавките на мазут за потребите на Термоелектраната – ТЕЦ Неготино. Објаснувањето е дека од доказите не се утврдило дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар ниту, пак, дека сториле некое друго кривично дело што се гони по службена должност.

Под истрага беа 13 лица и една фирма поради сомнежи за злоупотреби, незаконски договори и анекси и перење пари во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, спроведени во услови на енергетска криза во периодот 2021-2023 година.

Меѓу осомничените лица беа бизнисменот Асмир Јахоски, познат во јавноста по неговата нафтена компанија „Пуцко Петрол“, како и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Со истрагата беше опфатен и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски од СДСМ, кој е недостапен за македонските власти. Сомнежите беа дека државниот буџет бил оштетен за 167,5 милиони евра.

Истрагата за овој случај започна во март 2025 година.

Дел од осомничените прво беа во притвор, а потоа со гаранција излегоа да се бранат од слобода.

Васко Ковачевски, пак, е во бегство уште пред отворањето на оваа истрага бидејќи надлежните го гонат за злоупотреби во ЕСМ во случајот „Адитив“. Од крајот на 2024 година, за него е распишана и меѓународна потерница.