Савески не можел да го спречи Мицкоски да му се јави, ама не му кажал ништо ново

Објавено:

Државниот обвинител Ненад Савески не може да спречи некого да му се јави телефонски, велат од Јавното обвинителство откако премиерот Христијан Мицкоски кажа дека бил изненаден и шокиран и разговарал со него на телефон по одлуката да се запре истрагата за набавката на мазут за Термоелектраната – ТЕЦ Неготино.

Вчерашниот телефонски повик, тврдат од Јавното обвинителство, бил прв воопшто од премиерот. Но, Савески не му кажал ништо ново од тоа што веќе го објавиле од оваа институција.

„Во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес. На прашање на Претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото она што вчера беше јавно објавено од обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување“, велат од Јавното обвинителство.

Савески беше избран за државен јавен обвинител на 18 март 2026 откако неговиот претходно Љупчо Коцески си поднесе оставка истиот ден кога актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ требаше да го разреши со гласање во Собранието. Претствавниците на власта не ги криеја од јавнсота своите очекувања од Савески, додека опозицијата во неколку наврати обвинува дека обвинителот веќе добива задачи од Владата.

Истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), со кое раководи Ислам Абази. Тој и сега и претходно е напаѓан од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека важи за човек близок до ДУИ.

Конкретниот предмет за мазутот го водеше обвинителката Катерина Коларевиќ од ОЈО ГОКК.

Од Јавното обвинителство потсетуваат дека согласно закон, предметниот јавен обвинител во конкретен случај одлучува самостојно. Потенцираат дека законот предвидува дека „обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата“.

„Уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите“, велат оттаму.

Мицкоски во изјава за медиумите, претходно во текот на денот (13 мај), рече веста за запирање на истрагата ја примил со неверување и ги нагласи неговите очекувања дека ова не е крај за случајот.

„Добро е што АД ЕСМ поранешно ЕЛЕМ најави дека штом ќе ја добие одлуката ќе вложи жалба. Очекувам дека случајот повторно ќе биде вратен на повторно разгледување и повторно анализа“, изјави Мицкоски.

Од опозицискиот СДСМ телефонскиот разговор меѓу Мицкоски и Савески го оценија како скандалозен.

„Мицкоски вели, цитирам: ‘ако тоа не се случи, тогаш обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет’. Што е ова? Чиста наредба. Како што правеше од собраниска говорница, како што прави од телевизија, сега повторно, нова наредба на Мицкоски за јавниот обвинител кој самиот го избра и го постави. Секој што се огрешил нека одговара, но не може премиерот да врши притисок врз обвинителот, односно да му наредува“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитриевиќ.

Но, премиерот не е единствениот од извршната власт кој го нападна обвинителството. Со реакција се јави и министерот за правда од ЗНАМ, Игор Филков. Тој оцени дека одлуката за запирање на истрагата е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Како министер за правда тој смета дека оваа одлука мора итно да биде преиспитана.

„Очекувам целосна транспарентност од ОЈО ГОКК и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука. Истовремено, и пред Советот на јавните обвинители да излезе со одговор дека ’будно ја следи состојбата‘, добро е да се знае дека ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“, вели Филков во реакција на социјалните мрежи.

ОЈО ГОКК ја запре истрагата за набавките на мазут за потребите на Термоелектраната – ТЕЦ Неготино. Објаснувањето е дека од доказите не се утврдило дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар ниту, пак, дека сториле некое друго кривично дело што се гони по службена должност.

Под истрага беа 13 лица и една фирма поради сомнежи за злоупотреби, незаконски договори и анекси и перење пари во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, спроведени во услови на енергетска криза во периодот 2021-2023 година.

Меѓу осомничените лица беа бизнисменот Асмир Јахоски, познат во јавноста по неговата нафтена компанија „Пуцко Петрол“, како и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Со истрагата беше опфатен и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски од СДСМ, кој е недостапен за македонските власти. Сомнежите беа дека државниот буџет бил оштетен за 167,5 милиони евра.

Истрагата за овој случај започна во март 2025 година.

Дел од осомничените прво беа во притвор, а потоа со гаранција излегоа да се бранат од слобода.

Васко Ковачевски, пак, е во бегство уште пред отворањето на оваа истрага бидејќи надлежните го гонат за злоупотреби во ЕСМ во случајот „Адитив“. Од крајот на 2024 година, за него е распишана и меѓународна потерница.