Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека не треба да има еуфорија околу изрекувањето на првостепените пресуди против поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
„Тоа што се случи не треба да го прифаќаме со никаква еуфорија или на кој било начин, туку трпеливо да чекаме и да ги разбереме пораките што пристигнаа денеска“, изјави Вучиќ.
Според него, Специјалниот суд за Косово во Хаг не утврдил сомневања за широко распространет или систематски напад врз цивилното население, бидејќи не сакале да го поткопаат кредибилитетот на ОВК.
„Ние не бевме доволно подготвени да се соочиме и со нашите грешки и со злосторствата извршени во наше име, но верувам дека во иднина решението сигурно лежи во дијалогот и поголемото разбирање“, посочи Вучиќ, додавајќи дека зачувувањето на мирот и стабилноста е клучно за Србија.
Тачи, поранешен претседател на Косово, и Красниќи, поранешен претседател на Собранието на Косово, се осудени на по 25 години затвор. Весели, исто така поранешен претседател на Собранието, е осуден на 18 години затвор, додека Селими, поранешен пратеник, е осуден на 13 години. Од друга страна, овие обвинети беа прогласени за невини по шест точки од обвинението за злосторства против човештвото односно за прогон, затворање, други нехумани дела, мачење, незаконски убиства и присилни исчезнувања. Тие беа прогласени за невини и за низа конкретни инциденти кои беа наведени во обвинението во рамките на обвиненијата за воени злосторства.
„Но, верувам дека решението во иднина секако лежи во разговорот, поголемото разбирање и дијалогот со сите. Се разбира, станува збор за првостепена пресуда изречена денес пред Судот на Косово, бидејќи ова е таканаречениот Косовски суд. Тие го создадоа тој посебен механизам пред 11 години, под притисок на меѓународната заедница, за да избегнат формирање на трибунал од типот на оној што наводно беше формиран за просторот на поранешна Југославија, а всушност беше формиран против Србите и српскиот народ“, додаде тој.
Специјалниот суд во Хаг на 16 септември првостепено ги осуди четворицата поранешни лидери на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, за воено злосторство, за убиство на вкупно 96 лица, кои биле третирани како политички противници и соработници на српските безбедносни сили, како и за произволно притворање на вкупно 385 лица, тортура на уште 303 и нечовечки третман на уште 50.
Хашим Тачи и Јакуп Красниќи се осудени на по 25 години затвор, додека Кадри Весели е осуден на 18, а Реџеп Селими на 13 години затвор.
Пресудата е првостепена и адвокатите на одбраната предупредија дека ќе поднесат жалба.
Во меѓувреме во Приштина продолжуваат протестите поради денешната пресудата за водачите на Ослободителната војска на Косово. Група демонстранти фрлаше камења врз зградата на владата во Приштина, при што се скршени неколку прозорци.


