САД: Ја почитуваме пресудата против поранешните лидери на ОВК

Објавено:

Соединетите Американски Држави соопштија дека ја почитуваат пресудата на Специјалниот суд против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими и ги повикаа сите страни да ја прифатат одлуката на судот.

„Ја почитуваме денешната пресуда на Специјализираните веќе на Косово“, изјави портпаролот на американскиот Стејт Департмент за Радио Слободна Европа. Стејт Департментот истакна дека САД поддржуваат правда за сите жртви и нивните семејства и ја повторија поддршката за одговорност, соодветна законска постапка и владеење на правото.

Вашингтон исто така повика на избегнување „запалива“ реторика по објавувањето на пресудата.

„Ги повикуваме сите страни да ја почитуваат одлуката на судот, да избегнуваат запалива реторика и да продолжат да работат кон мирна и демократска иднина“, изјави портпаролот на Стејт Департментот.

Специјалниот суд во Хаг ги прогласи четиримината поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за виновни по четири точки од обвинението за воени злосторства, додека ги ослободи од обвиненијата за злосторства против човештвото.

Хашим Тачи и Јакуп Красниќи се осудени на по 25 години затвор, додека Кадри Весели е осуден на 18, а Реџеп Селими на 13 години затвор.

Пресудата е првостепена и адвокатите на одбраната предупредија дека ќе поднесат жалба.

Во меѓувреме во Приштина продолжуваат протестите поради денешната пресудата за водачите на Ослободителната војска на Косово.  Група демонстранти фрлаше камења врз зградата на владата во Приштина, при што се скршени неколку прозорци.

По протестите пред седиштето на ЕУЛЕКС илјадници демонстранти се вратија во центарот на Приштина, на плоштадот Скендербег пред Владата на Косово. Некои од демонстрантите, фрлаа камења пред ЕУЛЕКС, истото го направија и пред косовската влада. Пред косовската влада има значителен број полицајци, а распоредени се и припадници на специјалните сили.

Последни објави