Стотици смртни случаи под сомнеж дека се поврзани со инјекциите за слабеење

Објавено:

Над 200 смртни случаи за кои постои сомнеж дека се поврзани со инјекциите за слабеење се пријавени до британските здравствени власти. Надлежните во Обединетото Кралство добиле извештаи за повеќе од 158.000 несакани реакции поврзани со овие лекови, јавува британската телевизија Скај Њуз.

„Секој што се сомнева дека некоја несакана реакција е поврзана со лек, може да ја пријави во шемата „Жолт картон“ (Yellow Card Scheme) на Агенцијата за регулација на лекови и здравствени производи (MHRA)“, се вели во соопштението.

Податоците од шемата покажуваат дека се пријавени 106.189 несакани реакции, вклучувајќи гастроинтестинални проблеми, и 120 смртни случаи во врска со тирзепатид, кој се продава под брендот Mounjaro.

Околу 48.089 реакции и 59 смртни случаи се пријавени како сомнително поврзани со семаглутид, активната состојка на лекот за слабеење познат како Wegovy. Тоа е исто така активна состојка и во лековите за дијабетес Ozempic и Rybelsus.

Вкупно 4.491 несакани реакции и 37 смртни случаи се пријавени како сомнително поврзани со лираглутид, кој се продава под брендот Saxenda, а кој исто така се користи за третман на дијабетес под други бренд имиња.

Регулаторот соопшти дека несаканите реакции и смртните случаи пријавени во нивната шема „Жолт картон“ (Yellow Card) не значат нужно дека смртта или реакцијата била предизвикана од лекот, туку само дека лицето што ја поднело пријавата се сомнева дека тоа може тоа да е причината.

„Важно е овие извештаи да се разгледуваат во контекст на милионите рецепти за GLP-1 лекови издадени во Обединетото Кралство“, изјави портпаролот на Агенцијата (MHRA).

„На бројот на пријави може да влијаат зголемената употреба, поголемата свесност за можни несакани реакции и други фактори“, додаде тој.

Министерката за здравство Ивет Купер изјави за британското радио ЛБС, дека е воспоставен систем на прописи за здравствена безбедност, во рамките на кој експерти ќе ги следат сите евентуални негативни ефекти, извештаите за безбедноста и сите покренати прашања или загрижености.

„Предноста на тоа што ја имаме Националната здравствена служба е што сите тие извештаи можат да се соберат на едно место и сеопфатно да се следат. Ние се грижиме тие експерти – стручните лица задолжени за регулатива – постојано да го вршат тој надзор и да осигурат дека, доколку се појават пошироки загрижености или прашања што треба да се изнесат, тие ќе бидат пренесени до министерот за здравство и до јавноста, со цел безбедноста секогаш да биде на прво место,“ изјави Купер.

„Како и за сите лекови, безбедноста на GLP-1 лековите постојано се следи и преиспитува, вклучително и преку нови сознанија добиени од спонтани извештаи и научни публикации“, додаде Купер.

„Сите евентуални ажурирања во врска со безбедноста на овие лекови веднаш ќе им бидат соопштени на пациентите и на здравствените работници, а ќе се преземат и соодветни мерки за ублажување на какви било утврдени ризици.

„Врз основа на тековните докази, придобивките од агонистите на GLP-1 рецепторите ги надминуваат потенцијалните ризици кога тие се користат во согласност со нивната одобрена намена.“

Последни објави