Имаме околу 200 паралелки помалку во основното и сто паралелки помалку во средното образование, кажа министерката за образование Весна Јаневска на денешната прес-конференција, изнесувајќи податоци во пресрет на новата учебна година што ќе почне на 1 септември.
Бројот на запишани првачиња досега изнесува значително помалку отколку лани.
„Оваа година досега се запишани околу 14.500 првачиња. Но, потенцирам, тоа не е дефинитивна бројка затоа што во тек на целиот месец август и во септември ние дополнително запишуваме првачињата кои задоцниле на повикот за упис во прво одделение. Бројката е помала од лани на разликата која претходно ја кажав над 4000 веќе се намалува“, рече Јаневска.
На прашањето што ќе се случува со училиштатата кои немаат доволно ученици таа одговори дека тие ќе се затвораат.
„Оваа учебна година очекуваме да завршиме со бројка од 26 затворени рурални училишта во кои нема упис на првачиња и во кои учат, наводно учат, 5 – 7 – 8 деца. Различна е состојбата во различнит е училишта. Потенцирам дека тоа се прави со цел да им се овозможи социјализација на учениците и да се подобри квалитетот на образованието. Не сакаме нивно изолирано постоење во одредена рурална средина каде што владеат одредени принципи, па и одредени стереотипи и каде што квалитетот на образованието не може да биде соодветен заради малиот број на ученици. Посебно ако станува збор за комбинирани паралелки каде што ученици од три различни одделенија – колку што со закон е дозволено – па да има 5 ученици – два во прво, еден во трето и два во петоо оделение“, кажа Јаневска.
Таа објасни дека ако има можност овие деца да се приклучат на поголема група на ученици, тоа и ќе се направи.
„Од проста причина што тие мора да стекнуваат образование, да се описменуваат – не само да читаат и пишуваат – туку и да разбираат повеќе математички процеси, да ги разбираат природните феномени, општествените појави. Но,не и ако училиште се наоѓа над 20 или 15 километри оддалечено од првото најблиско училиште. И ако патиштата по кои се патува се несоодветни и недостапни и што не е соодветно за мали деца од прво до петто одделение. Меѓутоа, доколку на 2,5 километри имаме централно училиште во кое учат 200 деца, а на 2,5 километри имаме училиште во кое учат 18 деца, нема логика да ги чуваме заробени деца во тоа училиште“, рече министерката за образование.
Министерството за образование спроведува оптимизација на училишната мрежа, поради демографските промени во Македонија. Изминативе две децении Македонија се соочува со намалување на стапката на наталитет, иселување, стареење на населението и изразени регионални нерамномерности. Тоа резултираше со намалување на бројот на ученици и неадекватен сооднос со бројот на наставници. Дополнително, две третини од сите училишни објекти се подрачни училишта, но во нив учат само 12% од вкупниот број ученици. Во руралните средини, во околу 100 училишни објекти учат помалку од 5 деца.
Според пописот од 2021 година, во Македонија има повеќе старо население над 65 години (315.331), отколку млади до 14 години(311.347). Таква е состојбата во 52 од вкупно 80 општини. Најмногу од нив се во источниот регион.
Податоците во периодот меѓу двата пописи од 2002 до 2021 година покажуваат дека населението во Северна Македонија се намалило за над 200.000 луѓе.


