За седум години има 17.000 ученици помалку во училиштата

Објавено:

За седум години, бројот на ученици во училиштата се намалил за 17.000 и се намалува соодносот наставници спрема ученици, е податок што го сподели министерката за образование Весна Јаневска, давајќи отчет за сработеното за минатите две години, на прес – конференција во Владата.

Министерството за образование спроведува оптимизација на училишната мрежа, поради демографските промени во Македонија.

„Свесна сум дека има реакции за оптимизацијата, но да повторам – никој нема да биде отпуштен од работа“, рече Јаневска.

Демографските промени имаат директно и длабоко влијание врз образованието. Изминативе две децении Македонија се соочува со намалување на стапката на наталитет, иселување, стареење на населението и изразени регионални нерамномерности. Тоа резултираше со намалување на бројот на ученици и неадекватен сооднос со бројот на наставници. Дополнително, две третини од сите училишни објекти се подрачни училишта, но во нив учат само 12% од вкупниот број ученици. Во руралните средини, во околу 100 училишни објекти учат помалку од 5 деца.

Демографските промени се во основа на оптимизацијата на училишната мрежа и според Министерството за образование тоа треба да обезбеди подобро и поправично користење на ресурсите, со јасна цел: квалитетна настава според стандарди, со соодветен наставен кадар, простор и опрема за секое дете, без разлика каде живее.

Според пописот од 2021 година, во Македонија има повеќе старо население над 65 години (315.331), отколку млади до 14 години(311.347). Таква е состојбата во 52 од вкупно 80 општини. Најмногу од нив се во источниот регион.

Податоците во периодот меѓу двата пописи од 2002 до 2021 година покажуваат дека населението во Северна Македонија се намалило за над 200.000 луѓе.