Посмртните останки за кои се смета дека му припаѓаат на цар Самоил, Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија на 3 октомври во Солун по што ќе биде организирана свечена церемонија во Софија, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев на почетокот на денешната владина седница. Тој посочи дека очекува на седницата да се одобри текстот на договорот и ќе го овласти министерот за култура да го потпише со неговиот грчки колега.
Договорот предвидува и реципрочно предавање за чување на историски, религиозни и културни артефакти и реликвии. Бугарија ќе ѝ предаде на Грција за чување византиски/грчки историски, религиозни и културни реликвии кои се наоѓаат во бугарските музеи и архиви. Со договорот се предвидува враќање во Грција на 48 реликвии што потекнуваат од светиот манастир „Пресвета Богородица Икосифиниса“, од светиот манастир „Свети Јован Крстител“ во Серес и Светата митрополија Серес и Нигрита, што во 1917 година, за време на Првата светска војна, биле пренесени во Софија и се изложени или чувани во Националниот историски музеј на Бугарија.
За Атина, овој чекор се гледа како важен симболичен гест за зацврстување на добрососедските односи, регионалната стабилност и стратешкото партнерство со Софија во рамките на Европската Унија, пишуваат грчките медиуми.
Од 2014 година, посмртните останки се чуваат во Музејот на византиската култура во Солун. Тогаш тие беа изложени за поклонение по барање на бугарската држава по повод 1000-годишнината од смртта на владетелот.
„Веќе шест децении не престанаа напорите на бугарската држава да ги врати посмртните останки на еден од нејзините најголеми владетели. На нас ни припадна историската чест да го постигнеме тоа“, изјави Радев.
Премиерот изрази благодарност до својот грчки колега Киријакос Мицотакис за постигнатиот договор и ја нагласи неговата важност за односите меѓу двете држави, јавува бугарската новинска агенција БГНес.
Официјалното предавање ќе биде на 3 октомври, сабота, наутро во Музејот на византиската култура во Солун. На церемонијата ќе присуствуваат претставници на двете држави. Според изјавата на Радев, на Бугарија ќе ѝ бидат предадени и останките од уште два саркофази откриени во истата базилика – на цар Гаврил Радомир и на други членови на царското семејство. По церемонијата, останките ќе бидат транспортирани до Бугарија со авион „Спартан“.
За предавањето на останките беше потребна согласност од грчките институции, меѓу кои и од Грчката православна црква, со што постапката се приведува кон крај речиси пет години по нејзиното започнување. Останките беа откриени во 1969 година од грчкиот археолог Николаос Муцопулос во базиликата „Свети Ахил“ на остров во Малото Преспанско Езеро, каде што беа пронајдени четири гроба поврзани со Самоиловата династија.
Според историските извори, Самоил починал од срцев удар на 6 октомври 1014 година, два месеци по тешкиот пораз што го претрпел во битката кај Беласица против Византија. Точното место каде починал и понатаму останува предмет на несогласување меѓу историчарите.
Цар Самоил е една од историските личности околу кои со децении се разидуваат македонската и бугарската историографија. Во македонските учебници е претставен како македонски цар, а во бугарските како бугарски владетел. Спорот се однесува пред сè на толкувањето на карактерот на неговата држава и на тоа кому му припаѓа неговото историско наследство.
Во 2019 година заедничката македонско-бугарска историска комисија препорача двете земји заеднички да го одбележуваат чествувањето на цар Самоил. Во објавениот текст на препораката од 2022 година тој е опишан како владетел на голема средновековна држава, која поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство, со центар на територијата на денешна Северна Македонија. Препораката за заедничко чествување, сепак, не значи дека престанале различните толкувања во двете земји на историјата.
Историчарите од мешовитата комисија веќе шест години дебатираат за учебниците во кои се опишува средновековниот период на Балканот и развојот на Византија и феудалното општество.
Комисијата беше формирана според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што на 1 август 2017 го потпишаа Скопје и Софија и во неа двете држави имаат по седум члена. Пред две години од македонска страна беа сменети најголем дел од членовите откако на претходните им истекоа мандатите во септември 2024 година.


