Во изминативе два дена се одржа 42-та средба од мешовитата историска комисија која произлезе од македонскиот договор за добрососедство со Бугарија,без никаков напредок, јавува ТВ Телма. Владата соопшти дека тема на дебата во комисијата се материјалите во македонскиот учебник по историја за седмо одделение и за шесто во Бугарија кои се однесуваат на периодот од 11 век.
Историчарите веќе шест години дебатираат за учебниците во кои се опишува средновековниот период на Балканот и развојот на Византија и феудалното општество.
„Не беше постигната согласност за евентуално усвојување на предлог-текст на препорака. Единствен напредок има во усогласувањето и потпишувањето на стенограми и записници од претходниот состав на Комисијата“, соопштуваат од Владата.
Во нацрт-извештајот на европратеникот Томас Вајц, Комисијата е спомената во амандманот посветен на регионалната соработка и надворешната политика. Во него се констатира дека постојат различни толкувања на историските карактеристики на македонското општество. Воедно, документот повикува на продолжување на работата на историската комисија, но и јасно ги осудува обидите за замена на историски тези и наративи.
Комисијата беше формирана според Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што на 1 август 2017 го потпишаа Скопје и Софија и во неа двете држави имаат по седум члена. Пред две години од македонска страна беа сменети најголем дел од членовите откако на претходните им истекоа мандатите во септември 2024 година.
Промената во македонскиот тим дојде и по смената на власта во Северна Македонија по изборите во мај 2024 на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, која потоа формираше Влада заедно со ЗНАМ и коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН).
Инаку, откако беше потпишан Договорот за добрососедство, Република Бугарија во ноември 2020 стави вето за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.


