Петмина вработени во болницата во Зеница, Босна и Херцеговина, се уапсени под сомнение за насилство врз пациент. Инцидентот, кој сега го истражува полицијата, се случил на психијатриското одделение, потврдија од Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојскиот кантон.
Сите уапсени лица се од Зеница и засега тие се товарат за кривично дело насилничко однесување, поради сомнение дека употребиле прекумерна сила врз пациент.
Случајот бил пријавен во полиција од раководството на болницата во Зеница, по пријава од пациент од Високо, кој бил хоспитализиран на психијатриското одделение.
Од болницата во полицијата го предале достапниот доказен материјал, вклучително и видеоснимки од инцидентот.
Од кантоналната болница во Зеница соопштија дека се шокирани од постапувањето на нивните вработени.
„Нашата реакција е водена исклучиво од целта да ги заштитиме правата, безбедноста и достоинството на нашите пациенти, во согласност со одредбите од Законот за правата, обврските и одговорностите на пациентите, како и заради заштита на јавниот интерес“, се вели во соопштението од болницата.
Оттаму велат дека кантоналната болница во Зеница има нулта толеранција за каков било облик на насилство, непрофесионално однесување или нарушување на медицинската етика.
„Остро ја осудуваме секоја постапка со која се загрозува довербата на граѓаните во нашата установа. Обезбедуваме максимална и целосна соработка со истражните органи, со цел одговорните лица да бидат соодветно санкционирани“, се наведува во соопштението објавено денеска на веб-страницата на болницата.


