Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, повторно зборуваше за економските резултати на неговата влада во споредба со минатата предводена од СДСМ и ДУИ, потенцирајќи дека Македонија е на прво или второ место во регионот.
За ова, тој се повика на два параметри, колку е зголемен јавниот долг и колкав е растот на бруто-домашниот производ (БДП).
„За трипати пократок период БДП пораснал за 120 милиони евра повеќе. Значи, за 120 милиони евра БДП за овие две години е поголем отколку за претходните шест години од претходната влада. Притоа, јавниот долг е зголемен за нешто помалку од трипати. За нешто помалку зголемен јавен долг, а за трипати пократок период имаме зголемен БДП. Со други зборови — три спрема еден. Отприлика таков е и односот на рејтинзите на политичките партии, но такви се и резултатите во економијата. Дали е тоа доволно? Не. Дали треба уште да се работи? Да. Но, имајќи предвид дека до пред три години бевме убедливо на дното во регионот, сега сме на прво или второ место кога станува збор за овие параметри“, изјави Мицкоски.
Од СДСМ, пак, реагираа дека додека „Мицкоски си ја крои статистиката, граѓаните ја гледаат во продавница“.
Во реакциите тие се осврнуваат и на претходна изјава на премиерот дадена во телевизиско интервју дека платите растат 70% побргу, пензиите 325%, инфлацијата била седум и пол пати помала, а долгот два и пол пати помал.
„Самиот си ги споредил 23 месеци со 84 месеци и заклучил дека победил. Тоа не е економија. Тоа е трик со калкулатор. Го споредува врвот на светската инфлација од Јули 2022 – војна, енергетски удар, скок на храна насекаде, со јули 2026 година. Тоа не е успех на неговата влада. Тоа е споредба со најтешкиот месец на глобална криза. Платите и пензиите ги дели на месеци, ги крои процентите, па вели ’овие бројки не можете да ги лажирате‘. Може“, реагираат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека граѓаните не живеат „70% побрзо“ туку живеат од тоа што останува по плаќање на сметките, киријата, потрошувачката кошница.
„Дизелот е 100 денари. Пиперката на нива 40. Храната во продавница расте. Фабрики се затвораат. Инвестициите паднаа. Последниот квартал 0,3%. Тоа се исто бројки. Само не влегуваат во неговата презентација. Долгот го продава како намален, а државата ја задолжија со 2.5 милијарди за две години“, велат од опозициската партија.
Оттаму порачуваат наместо премиерот да прави „лична анализа“, да каже колку чинела потрошувачката кошница кога дошол на власт, а колку чини сега.


