Стотици килограми марихуана биле скриени во бали со рециклирана хартија, натоварени во приколка која од Македонија требало наводно да патува кон Турција. Наместо тоа во Турција, товарот завршил на изнајмен плац во Солун, каде грчката полиција пронашла 324 килограми и 474 грама дрога.
Случајот е дел од меѓународната полициската акција „Вардарис“, во која на 14 август во Грција биле уапсени двајца осомничени, додека македонското Обвинителство за гонење на организиран криминал отвори истрага против едно лице. Станува збор за четири месечна предистрага на полициските служби за борба против недозволена трговија со дрога на Македонија, Косово и Грција.
Шемата почнала уште во февруари, кога осомничениот набавил товарно возило, а на почетокот на март и приколка, по што организирал наводен превоз од Македонија кон Турција, преку Бугарија, објаснуваат од Обвинителството за гонење на организиран криминал. Како покритие за транспортот била прикажана рециклирана пресувана хартија, која наводно требало да биде пренесена од Северна Македонија до Турција.
Според истрагата, на 8 март, осомничениот откако ги завршил царинските формалности, ја напуштил Македонија. Но, наместо кон Турција, свртел кон Грција и со возилото и приколката стигнал до Солун. Таму приколката била оставена на изнајмен затворен плац.
Според обвинителството, осомничениот таму се сретнал со двајца од лицата против кои се води постапка во Грција и го договорил начинот на кој дрогата ќе биде пренесена и сокриена во товарот.
„По набавката на наркотичната дрога, двајца од осомничените, заедно со засега непознати лица, во периодот од 11 до 14 август 2026 година ја сместиле марихуаната во претходно направени отвори во балите со рециклирана хартија“, се вели во соопштението.
Но, транспортот не стигнал до крајната дестинација.
На 14 август, грчките полицајци во рамки на акцијата „Вардарис“ уапсиле двајца осомничени и го претресле плацот во Солун. Таму ја пронашле приколката, но без регистарски ознаки.
Во четири палети во задниот дел од приколката и уште четири палети пред неа била пронајдена марихуаната, вкупно 324 килограми и 474 грама.
Еден од осомничените во грчката постапка, според Обвинителството, е недостапен за органите на прогонот.
Во меѓувреме, македонското Обвинителство го товари осомничениот за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Обвинителот побарал притвор со образложение дека постои опасност од бегство, влијание врз соучесници и сведоци, но и можност за повторување на делото.
„Јавниот обвинител оцени дека доколку осомничениот биде оставен да се брани од слобода може да се даде во бегство, да ја попречува кривичната постапка со влијание врз соучесници и сведоци или да го повтори кривичното дело. Од тие причини, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје беше доставен предлог за определување мерка притвор“, се вели во соопштението.
Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот и му определил 30 дена притвор.
Во меѓувреме, македонската полиција заедно со обвинителите вршеа претреси на повеќе локации во Македонија во рамки на акцијата, при што се бараат други луѓе кои биле вмешани во мрежата и се обезбедуваат дополнителни докази и предмети поврзани со кривичното дело, соопштија вчера од македонското министерство за внатрешни работи.
Минатата година, македонската полиција и обвинители учествувале во четири меѓународни акции за спречување на ланец на нелегална трговија со дрога. Според податоците на МВР, минатата година биле евидентирани вкупно 745 кривични дела трговија со дрога, што е за стотина помалку од 2024 година и 858 дилери на дрога, што е за 208 помалку од претходната година. Но, разликата е во запленетата дрога. Во 2025 година биле запленети 2,38 тони марихуана додека во 2024 година била откриена и запленета 317.92 килограми марихуана.



