Вкупно шест автомобили и еден стан се предмет на барање за конфискација кое јавен обвинител го испрати до Судот во Кочани, откако скопските полицајци го приведоа осомничениот дилер на дрога 41 годишниот Александар Лазаров познат како Цуната од Кочани. Станува збор за осомничен за нелегална трговија со дрога кој пред четири дена им побегна на полицајците од Кочани, преку прозорецот во полициската станица. Кривичниот суд му одреди мерка притвор, откако истрагата покажа дека при претрес на автомобилот биле пронајдени осум грама кокаин.
„Од преземените дејствија до овој момент постои сомнение дека еден стан и вкупно шест автомобили, од кои дел биле запишани на други лица, фактички се наоѓаат во владение и на располагање на осомничениот. Овој имот не кореспондира со неговите законски приходи, што го потврдува сомнението дека истиот претставува имот стекнат со криминална активност или имот кој служи за прикривање на незаконски стекната имотна корист“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Покрај Лазаров во притвор завршил и неговиот партнер како соизвршител. Лазаров, според информациите од полицијата, им е добро познат на локалните полицајци, а по него се трагашпе поради кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Неговото бегство од полициска станица предизвика лавина реакции во јавноста, па денеска директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, беше во посета на Кочани. Тој рече дека е разочаран од несовесното работење, но и порака „локални шефири нема да постојат“.
Дел од медиумите кои детално го следат судскиот процес за пожарот во дискотеката Пулс, јавуваат дека името на дилерот се спомнало во исказ на сведоци дека „Цуната како главен дилер на дрога бил апсен и набрзо ослободуван “.
Во меѓувреме, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР води истрага за евентуална одговорност на полициските службеници од кои Лазаров успеа да избега.
„Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност“, изјави на 13 јули Јанев.
Опозицијата овој случај го нарече скандал и изрази сомнежи за блискоста на Лазаров со претставници на власта.


