Повторно е уапсен осомничениот дилер на дрога кој пред четири дена побегна низ прозорец од кочанска полициска станица. Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека е приведен 41 годишниот Александар Лазаров познат како Цуната од Кочани. Поради бегството од полициската станица, по него беше беше распишана централна и меѓународна потерница.
„На 14.07.2026, по добиени оперативни информации за лице за кое од страна на МВР е распишана централна и меѓународна потерница, од страна на полициски службеници од СВР Скопје – Потраги, од слобода е лишен Александар Лазаров (41) од Кочани. За Александар Лазаров беше распишана потерница по барање на Основен суд Кочани, осомничен за сторено кривично дело по член 215 став 1 од Кривичниот законик. Лицето е спроведено во Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка“, соопшти МВР.
Лазаров, според информациите од полицијата, им е добро познат на локалните полицајци, а по него се трага поради кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Неговото бегство од полициска станица предизвика лавина реакции во јавноста, па денеска директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, беше во посета на Кочани. Тој рече дека е разочаран од несовесното работење, но и порака „локални шефири нема да постојат“.
„Искрено, особено за овој регион, мислев дека лекцијата е научена. Но, повторно се соочуваме со постапки кои ја нарушуваат довербата на граѓаните и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници“, порачува Јанев од Кочани, градот каде во март 2025 поради низа системски пропусти и корупција, во која е вмешана и полицијата, дојде до пожар во нелегалната дискотека „Пулс“ 64 лица, а над 200 беа повредени.
Лазаров веќе издржувал затворска казна за истото кривично дело, а првпат бил уапсен во Скопје, а вторпат во Кочани објавува порталот Скопје1.мк. Дел од медиумите кои детално го следат судскиот процес за пожарот во дискотеката Пулс, јавуваат дека името на дилерот се спомнало во исказ на сведоци дека „Цуната како главен дилер на дрога бил апсен и набрзо ослободуван “.
Во меѓувреме, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР води истрага за евентуална одговорност на полициските службеници од кои Лазаров успеа да избега.
„Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност“, изјави на 13 јули Јанев.
Опозицијата овој случај го нарече скандал и изрази сомнежи за блискоста на Лазаров со претставници на власта.
„Кој е одговорен за овој скандал? Дали има грижа на совест што го пушти да избега наркодилерот А. Л викан Цуната, кој се поврзува и со дискотеката ’Пулс‘ во Кочани? Дали началникот на ОВР Кочани, Тоше Стојанов, е во бизнис со наркодилерот викан Цуната? Каква е поврзаноста со пратеникот на ВМРО Миле Лефков, кој има слики со него?“, реагираа од СДСМ на 11 јули.
Социјалдемократите побараа да се утврди одговорност на сите инволвирани, вклучително и на раководството во кочанската полиција.


