По Александар Лазаров од Кочани, од денеска (13 јули) македонските власти трагаат со меѓународна потерница. Таа се распиша денеска по барање на кочанскиот суд откако лицето избега преку прозорец додека беше приведен во полициската станица во Кочани.
Лазаров, според информациите од полицијата, им е добро познат на локалните полицајци, а по него се трага поради кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Неговото бегство од полициска станица предизвика лавина реакции во јавноста, па денеска директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, беше во посета на Кочани. Тој рече дека е разочаран од несовесното работење, но и порака „локални шефири нема да постојат“.
„Искрено, особено за овој регион, мислев дека лекцијата е научена. Но, повторно се соочуваме со постапки кои ја нарушуваат довербата на граѓаните и ја засенуваат работата на мнозинството чесни и професионални полициски службеници“, порачува Јанев од Кочани, градот каде во март 2025 поради низа системски пропусти и корупција, во која е вмешана и полицијата, дојде до пожар во нелегалната дискотека „Пулс“ 64 лица, а над 200 беа повредени.
Шефот на БЈБ вели дека бегството на Лазаров е недозволиво и заминал во кочанската полиција за лично да се информира за сите детали. Како што информира, внатрешната контрола во МВР веќе постапува и ги проверува сите околности.
„Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност“, вели Јанев.
Опозицијата овој случај го нарече скандал и изрази сомнежи за блискоста на Лазаров со претставници на власта.
„Кој е одговорен за овој скандал? Дали има грижа на совест што го пушти да избега наркодилерот А. Л викан Цуната, кој се поврзува и со дискотеката ’Пулс‘ во Кочани? Дали началникот на ОВР Кочани, Тоше Стојанов, е во бизнис со наркодилерот викан Цуната? Каква е поврзаноста со пратеникот на ВМРО Миле Лефков, кој има слики со него?“, реагираа од СДСМ на 11 јули.
Социјалдемократите побараа да се утврди одговорност на сите инволвирани, вклучително и на раководството во кочанската полиција.


