Во Собранието продолжува надзорната расправа за Алта банка

Објавено:

На 85. седница на Комисијата за финансирање и буџет денеска ќе продолжи Надзорната расправа на тема: „Причини за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност“.

Надзорната расправа ќе продолжи со ислушување на исказите на останатите учесници (сведоци) повикани од Комисијата за финансирање и буџет, се вели во соопштението од Собранието.

На претходната расправа пред две недели, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори што му кажал на гувернерот Трајко Славески кога му наредил да дозволи влез на Алта банка во Македонија.

Филипче потенцира дека одговорноста не завршува со дозволата за влез на банката, туку се отвораат и прашања за притисоци врз јавните претпријатија да продаваат акции на банката.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски рече дека како претседател на државотворна влада, ќе стори сè за да најде решение за проблемот.

Тој потенцира дека влегува во процес во кој ќе се најде решение и ќе се спасат најпрво оние вработени кои се во самата банка, а потоа и оние доверители кои се наоѓаат таму, при што додаде дека банката е ликвидна и Народна банка навремено реагирала.