Владата на Македонија ја усвои информацијата за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош Скопје со сопствено раководство, сопствен буџет, сопствено планирање – наместо служба што се бори за ресурси внатре во поголема установа, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски во објава на Фејсбук.
Тој додаде дека ова ќе биде пилот проект кој може да се прошири и на другите градови.
Ова доаѓа како реакција на бројните поплаки од граѓаните за функционирањето на Итната медицинска помош, по објавата на министерот за напад врз екипа на итна помош.
„Во коментарите под мојата објава за кривична одговорност за напад врз здравствени работници најчестата тема не беше насилството. Беше Брзата помош. Чекање со часови. Возило без екипа. Одбиен повик затоа што пациентот е постар. Одбиен повик затоа што пациентот е онколошки. Спуштена слушалка“, истакнува Клековски.
Тој најавува формирање Национален диспечерски центар, со што сите повици би оделе на едно место, а на повикот би реагирал најблискиот тим.
Во делот со проблемот со возила, Клековски вели дека се набавени 100 нови возила за Итната помош, со кои, како што појаснува ќе има функционални 200 возила во земјата. Но, најголемиот предизвик, според него е кадарот.
„Над 300 вработени во Итната помош заминуваат во пензија до 2030 г. Во тек се разговори со Медицинскиот факултет за воведување на профилот парамедик – обучен да дава помош и нега за време на транспортот“, нагласува министерот Клековски.
Тој додава дека во моментов се реконструира Ургентниот хируршки центар, а се оформува и Ургентниот интернистички центар во Клиничкиот центар Скопје.


