Од следната година пензионерите ќе можат бесплатно да се шишаат во фризерските центри во кои средношколците ќе ја извршуваат практичната настава, во ново отворениот фризерски салон во средното училиште „Димитар Влахов, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Тој во интервју на Радио Лидер, зборувајќи за новиот салон наменет за практична настава за средношколците посочи дека пензионерите ќе имаат шанса да добијат бесплатна нова фризура додека средношколците ќе усовршат шишање.
Според градоначалникот, идејата произлегла од заедничката соработка меѓу градскиот сектор за образование, училиштето и него како градоначалник, со цел учениците да добијат практично искуство, но и можност да заработуваат.
„Децата од шеснаесет години можат и да заработуваат. Од една страна ова е добра пракса, од друга страна ќе си заработуваат, ќе имаат за џепарлак малку повеќе, нема да бидат товар на своите семејства“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави дека во текот на следната година се планира отворање уште два вакви центри, со што повеќе средношколци ќе добијат можност за практична работа.
„Планираме уште два такви центри да отвориме наредната година и јас најавив дека ќе има бесплатни шишања за пензионерите од наредната година“, рече градоначалникот. Ѓорѓиевски воедно изрази задоволство од потенцијалот на средношколците, оценувајќи дека Македонија има брилијантна млада генерација која ќе ја предводи државата во иднина.
Градоначалникот во својата предизборна програма на скопските пензионери лани им вети и воведување и проширување на поволностите преку градска картичка за пензионери со ниски приходи, со која добиваат попусти и олеснувања при користење градски услуги, културни настани и во партнерски маркети и аптеки. Дополнително вети и отворање и опремување нови пензионерски клубови и дневни центри, со цел создавање современи катчиња за дружење, рекреација и социјализација на повозрасните граѓани низ скопските општини.
Во неговата програма беше ветено и бесплатна здравствена превенција и домашна посета, субвенционирани бањски и рекреативни одмори и екскурзии и слични проекти.
При неговиот едногодишен отчет кој го презентираше на 17 ноември 2026 година во Младинскиот културен центар (МКЦ), акцентот го стави на финансиската консолидација, намалувањето на долговите, деблокирањето на инфраструктурни проекти, додека најавите за нов инвестициски циклус останаа како ветување кое најави дека ќе го реализира до крајот на мандатот.


