Во денешните израелски воздушни напади врз Појасот Газа загинале најмалку шест Палестинци, меѓу кои и двајца припадници на полицијата, соопштија локални здравствени и полициски претставници.
Медицински лица соопштија дека три лица загинале во израелски воздушен напад врз полициска станица во Кан Јунис, на југот на Газа. Министерството за внатрешни работи, со кое раководи Хамас, соопшти дека двајца од загинатите биле полицајци.
Во истиот напад биле повредени уште пет лица, додаваат медицинските служби.
Подоцна, медицинските служби известија дека во уште еден израелски воздушен напад, во близина на коридорот Нецарим, нешто посеверно, загинале уште три лица.
Во врска со двата напада, израелската војска соопшти дека цел биле милитанти во тие области, без да соопшти дополнителни детали.
Примирјето од октомври 2025 година, постигнато со посредство на САД, ги запре големите борбени дејствија на разорената палестинска територија, но не ги запре целосно израелските напади врз Газа, ниту доведе до разоружување на Хамас.
Израел, кој го обвинува Хамас за обиди за прегрупирање и повторно вооружување, во последните месеци ги интензивираше нападите во Газа.
Хамас ги отфрла израелските обвинувања, тврдејќи дека се придржува до договорот за прекин на огнот и обвинувајќи го Израел дека се обидува да го поткопа.
Од стапувањето во сила на примирјето, загинале најмалку 1.600 Палестинци и пет израелски војници, според податоците на палестинските, односно израелските извори.
Израелската офанзива врз Газа, која пред примирјето траеше повеќе од две години, однесе десетици илјади животи, предизвика глад и доведе до внатрешно раселување на целото население на Газа.
Експерти, како и истражната комисија на Обединетите нации, овие настани ги окарактеризираа како геноцид.
Израел, пак, своите постапки ги опишува како самоодбрана, по нападот во Израел во октомври 2023 година, предводен од Хамас, во кој загинаа 1.200 лица, а повеќе од 250 беа земени како заложници.


