Нема работна недела, нема мир

Објавено:

Идејата денот недела да е работен ден повторно ги предизвикува работниците, откако заменик – министерот за економија и труд Марјан Ристески посочи дека треба да се разгледа таа можност. Ристески тоа го кажа синоќа во телевизиско гостување, како личен став и рече дека такво барање има и од стопанските комори, но прашањето треба да се разгледа на Економско – социјалниот совет.

Во Македонија, недела како неработен ден (со одредени исклучоци) почна да се применува од 1 јануари 2022 година, преку законски измени, на барање на Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ). И по четири години од примената на законот, ова прашање се уште е на маса бидејќи бизнисот повремено бара да се врати старото решение за работна недела, а работниците не отстапуваат од веќе стекнатото право на одмор.

Трендафилов: Дали Ристески некогаш работел во недела?

Сега, од ССМ велат дека не ги изненадува изјавата на заменик – министерот за економија и труд без разлика дали е дадена како личен став или како владина политика.

ССМ се спротивставува на намери за кратење на работничките права и укажува дека функционерите треба да бидат претпазливи “во давање изјави со кои го откриваат своето вистинско лице и наговестуваат дека се политичари кои се против работниците“.

„Со изјавата „Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден“ која ја дал заменик – министерот Ристески, тој се става во улога на мегафон на газдите со кои очигледно има идентичен став и се надоврзува на барањето за укинување на празниците, па така, покрај газдите, се почесто и функционерите зборуваат за кратење на работничките права. Се поставува прашањето, дали Ристески некогаш работел во недела или работи денес, за да смета дека 90 отсто од работниците повторно треба да работат во недела“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ за Колегиум.мк.

Трендафилов вели дека и сабота е неработен ден, а дека истиот „газдите најмногу го злоупотребуваат, нешто што работниците секојдневно го зборуваат, а креаторите на политиките се прават дека не го гледаат и не го слушаат“. Тој вели и дека ССМ нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите.

Исклучок од правилото за „недела неработен ден“ во моментов се оние дејности каде работните процеси не можат да трпат прекин, како на пример одгледување животни, копањето јаглен и руди, производството на гас, фармацевтски производи, леб, аптеки, медиуми, трговци во туристички места.

Ристески: Недела да биде неработен ден е едно неправедно решение

Заменик-министерот за економија и труд рече дека сегашното решение е неправедно кон работодавачите и вработените. Според него, неработењето во недела може да предизвика одлив на работници во соседните земји

„Недела да биде неработен ден е едно неправедно решение, не само за работодавачите туку повеќе за синдикатите и вработените. Ако се плаќа со многу поголема дневница, зошто да му го скратиме правото на некој што сака да работи во недела да оствари поголем поголем приход и зошто да дозволиме ако не се работи во недела да имаме одлив на луѓе во околните држави“, рече Ристески.

Според него, такво барање има од стопанските комори и дека лично смета оти не треба да се исклучи таа можност.

„Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден“, кажа тој.

Сепак, Ристески нагласи дека треба да се види дали тоа би било позитивно за македонската економија или негативно и да се земат предвид и веќе стекнатите права на работниците.

Вработените во дејностите кои може да работат в недела, според прописите, ги следува најмалку 50 отсто повисока дневница за секој час поминат на работа и право на слободен ден во наредните седум дена.

Газдите бараа работниците да бираат што ќе празнуваат

Кратко откако законот за неработна недела стапи на сила, Стопанската комора го оспори пред Уставниот суд со аргументи дека законот ја нарушува слободата на пазарот и претприемништвото и создава нееднаквост, барајќи неделниот одмор да може да се користи и во друг ден, како и оспорувајќи го додатокот на плата за работа во недела.

Уставните судии ја отфрлија иницијативата со став дека наводите на бизнисмените се неосновани.

Во октомври годинава, компаниите здружени во Стопанска комора побараа да се намали бројот на неработни денови – секој работник во Македонија да има максимум 13 празници што нема да ги работи во текот на годината, а празниците што се паѓаат во недела, да не се префрлаат како неработни во понеделник. Образложението беше дека „отсуството на вработените од работа за празници негативно влијае на продуктивноста, предизвикува тешкотии од финансиски и организациски карактер“.

Ова барање досега не е усвоено.

Дебатата за овие прашања треба да се одвива во Економско-социјалниот совет (ЕСС) кој го формираше Владата, а во кој членуваат и синдикатите и работодавачите.