„Судот по нарачка, срамот по заслуга“: Културните работници на нов протест

Објавено:

„Судот по нарачка, срамот по заслуга“ е пораката која денеска (28 април) работниците од културата ја упатија до уставните судии на вториот протест кој го организираат месецов за зачувување на Колективниот договор.

За разлика од минатиот протест кој го организираа пред Министерството за култура и туризам, тие попладнево се собраа пред Уставниот суд каде порачаа дека „без култура нема народ, без народ нема држава“.

„Во демократијата моќта е во народот. Сите ние кои сме собрани тука сме дел од народот и таа моќ ја предаваме на функционерите да ни служат. Народот е власта, тој е моќта. Уставни судии, вашата моќ и сила да одлучувате доаѓа од нас“, изјави Зоран Данилов, потпретседател на Синдикатот на културата кој доби поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија.

Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов им порача на културните работници, да не дозволат да бидат на минимална плата.

„Вашата борба нема проба и нема реприза. Многу е важно тоа што денеска стоите тука рамо до рамо, но за жал, стоиме пред Уставниот суд кој укина 60-часовна работна недела во Македонија, а воведе 72-часовна работна недела“, рече Трендафилов.

Двата протеста следуваат откако на почетокот на април, Уставниот суд одлучи да поведе постапка за Колективниот договор. Уставните судии решија дека треба да ја оценат уставноста и законитоста на договорот поради сомнеж дека тој „го надминува законското овластување, воспоставува автономен систем на плати без соодветна законска рамка и не содржи јасни и објективни критериуми за утврдување на платите“.

Од Синдикатот најавија дека протестите ќе продолжат.

Ќе протестираме повторно и пред Министерството за култура и пред Владата ако е потребно, и тука пред Уставниот суд – посочија од Синдикатот додавајќи дека планираат и штрајк на ниво на институциите во културата.

 Денеска во пресрет на протестот, Уставниот суд се огласи преку писмено соопштение во кое се наведува дека сè уште не е донесена конечна одлука за спорниот предмет.

„Во конкретниот предмет е поведена постапка врз основа на изразен сомнеж за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и на член 76-љ од Законот за културата“, соопштија од Судот.

Оттаму нагласуваат дека станува збор за втора фаза од постапката, во која допрва ќе се оценува уставноста и законитоста, а конечна одлука сè уште нема.

„Предмет на разгледување не е работата, значењето или придонесот на уметниците и културните работници, ниту пак нивниот статус или примања. Уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници“, наведуваат од Судот.