Србија му додели државјанство на внукот на Рамзан Кадиров

Објавено:

Српските власти во април му доделиле државјанство на Јакуб Закриев, внук на претседателот на Чеченија, Рамзан Кадиров.

Одлуката ја донела Владата на Србија, а документот го потпишал премиерот Ѓуро Мацут, објавено е во Службениот весник.

Во одлуката на Владата стои дека државјанството на Србија му е доделено „во интерес“ на Републиката, јави Радио Слободна Европа (РСЕ).

Каков конкретен интерес, претставува Закриев за земјата, не е прецизирано.

Претходно, тој беше на листите на санкции на САД и Обединетото Кралство, објави Current Time (телевизиска и дигитална мрежа на руски јазик со која управува РСЕ).

Јакуб Закриев е син на постарата сестра на Рамзан Кадиров. На 27 години, во 2018 година, беше именуван за градоначалник на Грозни, со што стана еден од најмладите градоначалници во Русија.

Војната во Иран го одвлекува вниманието од Украина, охрабрената Русија во пролетна офанзива – КОЛЕГИУМ.мк

Две години подоцна беше поставен на функцијата шеф на администрацијата на претседателот и владата на републиката. Потоа стана и заменик-премиер и министер за земјоделство на Чеченија.

Во јули 2023 година беше објавено дека Закриев е именуван за директор на руската подружница на компанијата „Данон“, откако Русија ја конфискуваше таа компанија.

Неговото именување следеше откако претседателот на Русија, Владимир Путин потпиша указ за пренос на акциите на францускиот конгломерат „Данон“ во Русија на привремено управување на државен орган во рамки на Министерството за финансии.

Набргу по преносот на сопственоста, рускиот „Данон“ беше преименуван во акционерско друштво „H&N“ (Health & Nutrition). Во март 2024 година Путин ја поништи национализацијата на рускиот „Данон“, а руските медиуми објавија дека неговата продажба на приватни лица е договорена.

Медиумите пишуваа дека имотот требало да биде купен во однос 50:50 од внукот на Кадиров и холдингот „Вамин“ од Татарстан. Во мај 2024 година, трансакцијата за продажба на руската подружница на „Данон“ беше завршена.

Во декември 2024 година, сопственик на компанијата „Вамин“ стана поранешниот заменик-министер за земјоделство на Чеченија, Руслан Алисултанов, кој, според пишувањето на медиумите, претходно исто така добил државјанство на Србија.

Србија и Чеченија немаат блиски економски и политички односи, но Белград и Кремљ ги опишуваат и како „братски“. Србија, и покрај повиците од Западот, не воведе санкции против Русија и одржува блиски односи со Русија и по нејзината инвазија на Украина.