Под мотото „Победата повикува“, попладнево почна завршниот собир на Студентската листа на плоштадот Славија во Белград. На него присуствуваат граѓани и студенти од цела Србија. Дел од нив пристигнале уште синоќа, по неколкудневно пешачење од северните, јужните и западните делови на земјата.
Плоштадот Славија е местото на завршниот предизборен собир на Студентската листа, по кампањата во чии рамки студентите и граѓаните организираа собири, разговори со гласачите и пешачки маршеви од повеќе правци низ Србија.
Како што јавуваат српските медиуми, на собирот ќе зборуваат повеќе говорници, а програмата ќе биде исполнета со песни, игра и позитивна атмосфера. Собраните носат српски знамиња и значки со бројот „3“ на кој се наоѓа Студентската листа на гласачкото ливче, а меѓу слоганите и транспарентите најбројни се „Студентите победуваат“.

Со песната „За милион години“, присутните на Славија ги вклучија светлата на своите мобилни телефони, а пред почетокот на официјалниот дел од собирот „Победата повикува“, беа запалени и бакли. Припадници на српското Министерство за внатрешни работи се распоредени во Пионирскиот парк, во близина на Собранието, каде што има и припадници на интервентната полиција.
Студенти од другите универзитети во Србија, од Нови Сад, Ниш, Крагуевац и Нови Пазар, ќе им дадат поддршка на своите колеги од Белград, кои го организираат собирот.
Изборниот молк почнува на полноќ, во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 25 октомври.

Инаку повод за протестното движење предводено од студентите во Србија беше уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, при што загинаа 16 лица. Несреќата предизвика бран незадоволство и барања за утврдување одговорност, објавување на документацијата за реконструкцијата на станицата и истрага за можната корупција и институционалните пропусти.
Студентите започнаа блокади на факултетите и организираа протести низ земјата, а движењето постепено доби поддршка од граѓани од различни генерации. Барањата се проширија и на прашањата за владеењето на правото, транспарентноста на институциите и односот на властите кон критичарите.
По речиси две години протести, студентското движење направи чекор од уличната мобилизација кон директно учество во политичкиот процес.

Студентската листа, под името „Студентите победуваат“, ќе учествува на предвремените парламентарни избори со кандидати од академската заедница и други професии. Во програмата акцентот е ставен на институционалните реформи, независноста на судството, борбата против корупцијата и поголемата транспарентност при јавните набавки.


