Студентите ќе можат да аплицираат за сместување во студентските домови најдоцна до 30-годишна возраст, а за потешки прекршувања на куќниот ред ќе им биде изречена забрана за сместување во период од една до пет години.
Ова се дел од измените на Законот за студентскиот стандард, кои се наоѓаат во собраниска процедура, информираше денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која очекува измените да бидат усвоени во текот на овој месец.
Јаневска појасни дека старосната граница се воведува поради злоупотреби, односно случаи на студенти кои со години ги презапишувале студиите за да продолжат да ги користат поволностите за сместување.
„Едноставно, презапишуваат години на факултет и добиваат услуги во дом. Тоа го спречуваме и воведуваме максимална старосна граница на студент што аплицира за сместување во дом да биде возраст од 30 години. Втората измена е воведување казнена одредба – забрана од една до пет години за сместување во студентски дом за студентите што ќе сторат потешки повреди на куќниот ред – ќе направат штета на инвентарот, ќе бидат фатени со алкохол или со други супстанции или доколку се констатира навредливо, заканувачко, агресивно или насилно однесување, физичко или психичко малтретирање, вознемирување, дискриминација или друго недолично постапување, со кое се загрозуваат безбедноста, здравјето, интегритетот и достоинството на другите студенти и на вработените во домот или се нарушува непреченото функционирање на домот. Воведуваме градација во забраната од една до пет години, во зависност од делото што е сторено“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека паралелно се реализираат значајни инвестиции во студентскиот стандард, при што домовите „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје се во завршна фаза на темелна реконструкција според европски стандарди и треба да бидат готови до октомври.
„Објектите на ‘Стив’ и ‘Кузман’ стануваат модерни и енергетски ефикасни. Ќе бидат прекрасни и јас очекувам младите да го ценат тоа и да ги чуваат за да може што повеќе генерации да ги користат. Овие две одредби се за подигање на безбедноста во домовите и тоа е основано врз аргументи што ние сме ги добиле од самите домови“, рече Јаневска.
Осврнувајќи се на управувањето со студентските домови, таа истакна дека ревизиите покажале значителни разлики во нивното работење и дека за дел од директорите се утврдени сериозни неправилности.


