Албанското обвинителство за борба против корупцијата започна истрага за проектот за луксузно одморалиште на јадранскиот остров Сазан и заштитеното крајбрежно подрачје Вјоса-Нарта, поврзан со компанијата на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, објави Политико.
Проектот за луксузното одморалиште го опфаќа ненаселениот остров Сазан и неколку стотици хектари од заштитеното крајбрежно подрачје Вјоса-Нарта, кое е дом на фламинга и фоки и е место за гнездење на морски желки.
Специјалното обвинителство за борба против корупцијата на Албанија (СПАК), како што пишува Политко, денеска потврди дека отворило истрага за контроверзните промени во статусот на заштита на подрачјето и сопственоста на земјиштето направени во 2024 година.
Кушнер, кој раководи со „Афинити партнерс“, има портфолио на недвижнини вредно милијарди долари, а во август 2024 година ги обелодени плановите за градење на луксузно одморалиште во Албанија, кое треба да има околу 10.000 соби. На почетокот на 2026 година, тој ја посети областа со сопругата Иванка, ќерка на Доналд Трамп.
СПАК беше основано со поддршка од ЕУ и САД како дел од широката реформа на правосудството во земјата во 2019 година. Тоа дејствува независно од националното судство и досега истражуваше, гонеше и успеа да добие осудителни пресуди за голем број високи функционери од двете страни на политичкиот спектар во Албанија – и од власта и од опозицијата. Според неколку независни анкети, ова обвинителство моментално важи за институцијата со најголема доверба во земјата.


