Кралот Чарлс објави колкав данок плаќа – прв британски монарх што го направил тоа

Објавено:

Кралот Чарлс стана првиот британски монарх во модерната историја кој откри колку данок плаќа. Според објавените бројки, тој платил 12,9 милиони фунти (околу 14,9 милиони евра) данок за даночната 2024/25 година, објавува Би-би-си.

Со оваа сума, тој се наоѓа меѓу 100-те даночни обврзници во Обединетото Кралство кои плаќаат најмногу данок, наведува медиумот.

Неговиот син, принцот од Велс, Вилијам, објави дека платил 7,76 милиони фунти (речиси 9 милиони евра) данок во истиот период, покажува годишниот финансиски извештај и сметките на кралското семејство.

Покрај објавата на сметките, од кралското семејство беше потврдено дека кралот Чарлс и кралицата Камила ќе продолжат да живеат во Кларенс Хаус, наместо да се преселат во Бакингемската палата.

Годишниот извештај, исто така, открива и дека главниот дел од државното финансирање на кралското домаќинство, познат како Суверен грант, речиси ќе се удвои во следните три години и ќе изнесува нешто помалку од 100 милиони фунти (над 115 милиони евра) годишно до 2027/28 година.

Грантот ги покрива трошоците за функционирање на монархијата, вклучувајќи ги платите на персоналот, патувањата на членовите на кралското семејство, приемите и одржувањето на кралските резиденции.