Норвешката влада соопшти дека планира да го ограничи брзиот раст на енергетски интензивните центри за податоци, тренд поттикнат од глобалниот бум со вештачката интелигенција.
Иако Норвешка произведува повеќе електрична енергија отколку што троши и е нето извозник, неодамнешните проекции сугерираат дека побарувачката генерирана од овие нови дата центри за податоци може да доведе до енергетски дефицит и повисоки цени на електричната енергија во наредните години, објави Ројтерс.
Брзиот раст на центрите за податоци се соочува со отпор во многу земји. Критичарите истакнуваат дека секторот создава малку работни места, а воедно ги зголемува трошоците за електрична енергија.
Норвешкиот национален оператор на електрична мрежа „Статнет“ денес привремено ги суспендираше резервациите за поврзување со мрежата за нови дата центри додека не се воспостави владиниот систем за издавање лиценци.
„Целта е подобро да се контролира растот на дата центрите и да се осигури дека ги имаме оние што навистина ни се потребни“, изјави министерот за дигитализација и јавна администрација, Трагеир Микаелсен.
Министерот објасни дека овој системот за издавање лиценци за вакви објекти ќе овозможи да се даде приоритет на дата центрите што ја поддржуваат одбраната, полицијата, подготвеноста за вонредни состојби, здравствените услуги и друга критична инфраструктура, како што се мобилните мрежи и финансискиот систем.
Тој додаде дека ако Норвешка сака да ги задоволи своите домашни потреби во областа на вештачката интелигенција, ќе мора да го ограничи пристапот до земјиште и електрична енергија за глобалните компании кои обезбедуваат услуги за cloud computing, како и за фирмите специјализирани за криптовалути.
Министерот за енергетика Терје Асланд изјави дека од почетокот на годината, „Статнет“ добил барања за поврзување на нови капацитети со вкупна моќност од 26.000 мегавати. Тоа го надминува моменталниот вкупен капацитет на Норвешка, а 75% од тие барање се за дата центри.
Владата, исто така, најави дека новите дата центри ќе мора да ги покријат трошоците што ги наметнуваат на електричната мрежа и можеби ќе треба да градат електрани на гас опремени со системи за складирање на јаглерод за да произведуваат сопствена електрична енергија.


