Приведен скопјанец осомничен за семејно насилство и закани за убиство на сопственото дете

Објавено:

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка и предложи притвор против 36-годишник кој синоќа вршел семејно насилство и им нанел телесни повреди на сопругата и на нејзината мајка. Според Обвинителството, „осомничениот почнал да вика и да ѝ се заканува на сопругата и на нивните две малолетни деца на возраст од 6 и 4 години за да ги заплаши. Кога жената побарала да престане, тој ја фатил за раката и ја турнал, при што ѝ нанел телесни повреди“.

„Осомничениот ја кршел покуќнината и со клуб маса замавнал кон мајката на сопругата, која исто така телесно ја повредил на ногата и во градниот кош. Се заканувал дека сите ќе ги убие, па и дека ќе го задави сопственото дете, при што во еден момент извадил и нож со кој замавнувал, предизвикувајќи чувство на загрозеност, несигурност и страв кај оштетените“, информираше ОЈО Скопје.

ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА

Сопругата на 36-годишникот во еден момент успеала телефонски да ги повика своите брат и татко, а кога пристигнале, осомничениот продолжил и ним да им се заканува со нож. Потоа од дворот го пуштил и своето куче од расата „шарпланинец“ кое гризнало еден од оштетените на надлактицата и потколеницата.

Осомничениот 36-годишник се сомничи за кривичните дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и предизвикување општа опасност. Поради опасност од бегство и опасност од повторување на семејното насилство, Основниот кривичен суд до ОЈО Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Во текот на мај 2026 година пријавени се вкупно 191 кривично дело од семејно насилство што претставува зголемување од 70,5 отсто во споредба со истиот месец од претходната година, соопшти Министерството за внатрешни работи(МВР).

Тоа значи дека последните три месеци низ полициските станици низ државата имало дури над 500 пријави за семејно насилство, а најмалку 200 луѓе биле приведени. Овие статистики може да се извадат од соопштенијата што Министерството за внатрешни работи (МВР) речиси секојдневно ги објавува по настанот во скопско Тафталиџе кога на 2 март мајката Ивана заедно со нејзината шестгодишна ќерка Катја – жртви на семејно насилство, скокна од балкон. Двете ги загубија животите.