Членот на поширокото обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, кој се гонеше за семејно насилство, призна вина и доби условна казна.
Против него се водеше постапка за кривичното дело телесна повреда бидејќи ја нападна неговата 37-годишна сопруга.
„На денешното рочиште обвинетиот призна вина и судот му определи условна осуда – казна затвор во траење од 1.6 години доколку во наредните три години стори друго кривично дело“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Случајот беше обелоденет на почетокот на мај, а јавно го коментираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој појасни дека лицето било е дел од поширокото обезбедување односно од т.н. претходница.
Премиерот тогаш рече дека тоа што се постапува против ова лице е доказ дека законот важи подеднакво за сите.
„Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување, каде што законот важи за сите, за разлика од минатото кога членови на обезбедување на претседателот тепаа граѓани, се изживуваа по дискотеки и минуваа неказнети. Во овој случај гледате мал престап и веднаш системот функционира. Тоа е уште еден доказ и така ќе продолжиме и во иднина. Јас не толерирам недисциплина, не само во рамките на моето обезбедување. За волја на вистината, тој е припадник на претходницата, која не ја гледам така често и за волја на вистината сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, изјави Мицкоски на 5 мај.
Опозицискиот СДСМ, пак, тогаш го оцени случајот како скандалозен велејќи дека тоа е слика за опкружувањето на Мицкоски и на една криминална влада во која насилството е нормализирано, а институциите немаат капацитет за ништо“.


