Температурите во Македонија во наредните денови ќе достигнуваат и до 40 степени, а топлото време ќе продолжи и на почетокот на следната работна седмица.
Викендот ќе биде особено топол, со максимални дневни температури од 33 до 40 степени. Стабилно, сончево и многу топло време се очекува и во следните денови, со слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Поради високите температури, се препорачува граѓаните да избегнуваат подолг престој на отворено во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да преземат мерки за заштита од топлината.
Прогноза по денови
На 1 август се очекува сончево и топло време, со минимални температури од 10 до 22 степени и максимални од 33 до 39 степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
На 2 август времето ќе биде сончево и топло, со утрински температури од 11 до 23 степени и дневни максимални температури од 33 до 40 степени. Ветерот ќе биде слаб до умерен и ќе дува од југоисток.
Сончево и топло ќе биде и на 3 август. Минималните температури ќе се движат од 11 до 23 степени, додека максималните ќе достигнат од 32 до 40 степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Согласно прогнозите на УХМР и Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, треба да биде активирана портокаловата фаза поради појава на топлотен бран. во официјалниот Акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови 2025–2030, портокаловата фаза (Фаза 2) е дефинирана како „појава на топлотен бран“ и се активира кога се надминуваат утврдените температурни прагови за најмалку два последователни дена.
Кризната состојба стапува на сила денеска
Владата прогласи кризната состојба на целата територија на Македонија поради зголемената опасност од пожари на отворен простор и шумски пожари. Одлуката важи 30 дена, почнувајќи од 1. август, и треба да овозможи побрза мобилизација на човечките, техничките и институционалните капацитети.
„Во рамките на донесената одлука се предвидува активирање на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање и во рок од 24 часа ќе изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на сите надлежни институции“, се вели во соопштението на Владата.



