СДСМ ѝ најавува отпор на власт со интерпелации за Гаши и Стоиљковиќ, и блокада за „Скопје 2028“

Објавено:

СДСМ ќе поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието Африм Гаши, како и за министерот за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ. На Гаши му забележуваат за кршење на собранискиот Деловник во повеќе наврати, а на Стоиљковиќ поради навреди и пцости упатени кон пратениците Фатмир Битиќи и Митко Трајчулевски на седницата за владина реконструкција, но и за време на паузата.

Според опозицијата, Стоиљковиќ навредувал и пцуел опозициски пратеници. Оттаму велат дека и за малку била избегната тепачка со пратеникот Митко Трајчулевски. Додека пак, ДУИ, бараат снимки со собраниските служби затоа што, како што тврдат, за време на паузата, Стоилковиќ ја нападнал нивната пратеничка Арбана Пашоли во клубот на пратеници во Собранието. Министерот негира, велејќи дека сето тоа се измислици.

„На фантазмагории нема што да одговорите. На измислени работи како може да дадете одговор? – Некој може да измисли дека не знам што сум направил. Како јас што можам да кажам дека таа мене ме навредила, што воопшто не е точно. Јас ниту сум разговарал со неа, ниту сум имал физички контакт, како можам да демантирам нешто што не се случило? – Им го оставам тоа на нив“, изјави министерот за локална самоуправа, Иван Стоиљковиќ.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче на брифинг со медиумите најави дека партијата ќе ги преземе сите демократски механизми и за блокада на предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“.

Според него скандалозна е намерата на Градот Скопје да основа посебна фондација која при своите набавки нема да биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки.

Предлог-законот пред два дена беше тргнат од дневен ред со најава дека ќе се разгледува од септември. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека по негово барање бил тргнат и дека ќе биде ставен на јавна дебата, а критиката од опозицијата и експертската јавност ја нарече дезинформација.

Во Филипче вели дека власта играла на емоција во јавноста преку изјави за враќање на името и во врска со Преспанскиот договор, свесна дека тоа не може да случи. Обвини дека дури сега власта признала дека протоколите не се дел од преговарачкиот процес.

„Што се внатрешни гаранции? Јас мислам дека тоа е игранка. ВМРО игра на картата да фрли магла, ниту една земја немала гаранции и тие никој не може да ги испорача, туку има критериуми што треба да се исполнат. Што би била блокадата од Бугарија? Ќе ни го земат јазикот? Историската комисија веќе решила четири личности, таму се гласа со консензус. Треба ли да седиме во место стравувајќи дека нешто ќе се случи?“, праша Филипче.

Тој вели дека не знае за разговори „под радарот“. Ова се однесува на последнаа изјава на евроамбасадорот Михалис Рокас на 14 јули кој без да открие детали, посочи дека се прават многу работи „кои не се видливи во јавноста“ со една цел – деблокада на евроинтеграциите.

Според Филипче, тапкањето во место може да значи и затворање на вратата за Европа, ако земјава не е предвидена во следниот седумгодишен буџет на ЕУ.