Русија во текот на ноќта кон саботата изврши интензивен напад со балистички ракети и беспилотни летала, при што загинаа најмалку девет лица, а 33 цивили беа повредени во украинскиот главен град Киев – соопштија властите.
Новинската агенција Асошиејтед прес (АП) објави дека овие напади следуваат по големиот руски напад два дена претходно, во кој загинаа најмалку 10 лица, а повеќе од 50 беа повредени низ Украина, додека Москва очигледно се обидува да го искористи критичниот недостиг на противбалистички ракетни системи за одбрана што Западот ѝ ги обезбедува на Украина.
Непрекинатиот циклус на напади ги намалува изгледите за постигнување дипломатски крај на руската инвазија врз соседната земја, која трае повеќе од четири години.
Петкатница станбена зграда во градскиот округ Соломјански беше оштетена од остатоци што паѓале, а избувнал и пожар. Според украинската државна служба за вонредни ситуации, спасувачките екипи евакуирале 35 лица од горните катови на зградата, при што загинале две лица, а осуммина биле повредени, меѓу кои и две деца.
Во областа Дарницки во Киев, седум лица загинаа, а уште 14 беа повредени откако нападот предизвика пожари и оштетувања на куќи, возила, административна и друга нестамбена зграда, соопштија службите за итни случаи.
Во меѓувреме, руски воздушен напад уби едно лице и рани уште петмина во градот Херсон, на југот на Украина, соопштија локалните власти во саботата.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски во саботата соопшти дека украински дронови во текот на ноќта погодиле три руски рафинерии за нафта во руската република Башкортостан.
Зеленски на социјалните мрежи изјави дека рафинериите „преработуваат милиони тони нафта годишно“ и дека се наоѓаат на околу 1.600 километри (994 милји) од Украина.



