Едно лице загина, а 16 други се повредени во рускиот напад врз Киев во текот на ноќта, извршен со балистички ракети, соопштија локалните власти.
Нападот започнал околу 1:30 часот по локално време и продолжил неколку часа, при што експлозиите одекнувале низ главниот град.
Русија во текот на ноќта лансирала 41 ракета и 125 нападни дронови низ Украина, според украинското воздухопловство. Претседателот, Володимир Зеленски изјави дека повеќето од ракетите биле насочени кон главниот град – објави новинската агенција Асошиејтед прес (АП).
Нападите врз Киев предизвикаа пожари во пет градски области, оштетувајќи станбени згради, канцелариски и индустриски објекти, студентски дом и возила, според Државната служба за вонредни ситуации на Украина.
Втор сигнал за воздушна опасност бил активиран во 6:30 часот наутро, по што биле пријавени уште неколку експлозии – пишува британски Гардијан.
Меѓу другото, се запалила и трикатна зграда од каде спасувачите извлекле неколку лица заробени во внатрешноста и пронашле едно тело. Биле погодени уште четири области, каде што биле пријавени пожари во канцелариски и станбени објекти.
Засолнетите живтели во метро-станицата Лукјанивска објавија снимки по уривањето на таванот во влезниот простор на приземјето поради силниот ударен бран од експлозијата. Станицата привремено е затворена.
Жестоките напади врз Киев следуваа по вчерашниот украински удар со беспилотни летала врз два логистички центри во Русија, каде што загинаa најмалку осум лица, а беше запален и нафтен склад во Московската област. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски изјави дека погодените објекти во Московската и во Тамбовската област биле користени за испорака на компоненти под санкции наменети за производство на беспилотни летала и на навигациска опрема.
Од друга страна, градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека руската престолнина во текот на ноќта била нападната со повеќе од 370 дронови, од кои „повеќето биле соборени“.


