Сиљановска во Скопје, Мицкоски во Пелинце, а Гаши во Египет за Илинден

Објавено:

Македонските граѓани денеска, 2 август, одбележуваат два значајни настани за македонската државност – двата Илиндени. 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 од Првото заседание на АСНОМ.

Централниот настан за овој државен празник ќе биде во Крушево, каде треба да се обрати претседателот на Собранието, Африм Гаши. Но, Гаши втора година по ред не е присутен во земјава за овој државен празник, па наместо него обраќање од Мечкин Камен ќе има потпретседателот на парламентот Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, пак, годинава ќе биде во Скопје каде ќе положи цвеќиња пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов – Ченто.

Пред споменикот на Ченто – првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, шефицата на државата ќе има и обраќање.

Премиерот Христијан Мицкоски за годинешниот Илинден е во Пелинце каде има меморијален центар во чест на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 г.

Тројцата државници, претседателот на државата, претседателот на парламентот и премиерот, традиционално секоја година се ротираат за овие три локации при одбележувањето на Илинден. Но, Гаши и лани и сега не е присутен, па го заменува потпретседателот.

Годинава е на конференција во Египет и во изјава за медиумите претходно зборуваше дека неговото присуство е оправдано. Тој рече дека ги почитува сите државни празници откако е во политиката особено откако е претседател на Собранието и за тоа „нема двоумење“.

„Како државен врв, одлучивме да се искористат двете шанси. Илинден како нашиот најголем национален празник ќе биде чествуван на најдобар можен начин од страна на Собранието, со учество на сите манифестации по тој повод, единствено што јас лично нема да одржам говор на Мечкин камен поради мојата посетата во Египет на многу важна конференција“, изјави Гаши.

Илинденското востание од кое денеска се одбележуваат 123 години, било на полноќ спроти Илинден 1903-та. Околу 800 востаници го ослободиле градот Крушево, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Османлиска војска ја вратила власта во Крушево, а последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули го означиле и крајот на Крушевската Република.

На Вториот Илинден во 1944 во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ на кое била потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамки на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Тогаш биле усвоени и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.