Да бидам искрен, немам идеја ниту од кај да почнам, а уште помалце идеја како да завршам. Уствари нема да можам да завршам, приказнава нема крај.
Ситуацијата е толку замрсена, апсурдна, нереално надреална, што и Монти Пајтоновци би си удриле „моша“ у чело со забелешка „како не ни текна…“, Саша Барон Коен сценариото за следниот Боратов Казакстан го има пред очи, а Рики Џервејс веќе има купено авионска карта до аеродром Петровец за да го продолжи снимањето на „Канцеларијата“.
Секогаш кога ќе ја потцениме креативноста за забошотување на процедурите и страста за лоповлук на просечниот македонски властодржец, тој возвраќа со ново креативно решение кое ја пробива границата на конвенционалност.
И сеа, за да го оправдам воведот ќе мора да се решам дали да пишувам за катастрофалниот континуитет на водење на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“ или малоумниот обид за легализирање на корупцијата преку носење закон кој, погодете што!? …па тоа е лесно, ЌЕ ЈА ЛЕГАЛИЗИРА КОРУПЦИЈАТА при реализација на проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година“!
А можам да се потрудам да пишувам и за двете, секако може да им се најде заеднички именител. Уствари најмалку 2 заеднички именители: неспособност и коруптивни интенции.
Да почнеме од суштината на проектот.
Иницијативата Европска престолнина на културата започнува во 1985 година. Оттогаш па до денес, секоја година се назначува европски град(или во поново време градови) кој во период од една календарска година, ќе ја носи оваа престижна титула. Во текот на титуларната година во секој од овие градови се организираат серија културни настани кои треба да придонесат за културната наобразба и добробит на градот, но и да ја подобрат инфраструктурата, да поттикнат културен туризам и да донесат бенефит на градот домаќин и секако на државата организатор.
Оваа престижна титула ја делегира Европската Комисија, а формално ја доделува Советот на министри на ЕУ.
Процесот за аплицирање на град Скопје за добивање на титулата Град на културата започна уште пред нецели десетина години. Мојата маленкост имаше чест и задоволство, како надворешен соработник, да биде дел од некои работни групи кои комуницираа со странски експерти уште во почетокот на подготвување на апликацијата т.е. креирање на „бид-букот“ со кој се аплицира.
Процесот е прилично долг и захтевен, а Комисијата прилично аналитично ги анализира сите апликанти во конкурсот, како би донела правилно решение и титулата би му ја доделила на апликантот кој ги исполнува условите, и е најдобар во однос на другите апликанти.
Ентузијазмот кој владееше при креирањето на „бид-букот“ и професионалноста со која се пристапуваше при реализација на задачите кои водеа до одлично сработена апликација беа на високо ниво. Тимот на професионалци кои го водеа проектот исто така.
Но, тогаш се случи промена на локалната власт и на сцена стапи шарлатанизмот на администрацијата на „најдобрата“ градоначалничка на град Скопје, Данела Арсовска.
Одеднаш, по стариот македонски обичај, се прекина континуитетот на работа, тимот кој го водеше проектот го распаднаа, а во процесот беа инволвирани тотални аутсајдери кои по моја проценка и не можеа баш да пофатат каде плови бродот.
Тука стигнаа и првите опомени…
Скопје веќе ги беше поминал првите филтри на аплицирање, но се каснеше со рокови, колку што сум упатен имаше и некои внатрешни превирања и нови промени во тимот, па државни гаранции дека ќе се испочитуваат новите рокови, за на крај во 2023 година некако сепак да се успее и добие титулата Скопје – европска престолнина на културата.
При овој избор, неофицијално, влијаеше и апсењето на градоначалникот на Будва, која во оваа фаза беше единствен град против-кандидат на Скопје, но е тоа е друга тема, секако сведена на шпекулација.
Откога се доби титулата – славје, па сликање, па радости… и…. пак враќање на старите навики.
Креирање сомнителни тимови за реализација без вклучување на реално релевантни културни творци и продуценти, сомнителни конкурси, па поништување на сомнителните конкурси, повторно каснење со рокови, ново извинување и гаранции од државните власти дека се ќе биде во ред.
И до каде сме денес?
На само година и кусур пред стартот на реализација на проектот градските институции, оние кои треба да бидат носители на програмските активности, се во тотално руинирана состојба.
Обновувањето на инфраструктурата на овие објекти, која треба да биде приоритет при креирање услови за реализација на проектот не е ни започната. Институциите се во полоша состојба од периодот кога започна процесот на аплицирање.
Она што требаше „да остане за градот и неговите граѓани“ по завршување на 2028 година, нема да доживееме да биде ни „скрпено“ до стартот на 2028-ма.
Во меѓувреме, градот Скопје основа Фондација „Европска престолнина на културата – Скопје 2028 година“. Фер, на тој принцип функционираа и другите градови добитници на оваа престижна титула.
НО, сега доаѓаме до најгенијалната одлука – се поднесе предлог закон за изземање на Фондацијата од Законот за јавни набавки, односно неприменување на одредбите од Законот за јавни набавки кога Фондацијата ќе има потреба од јавни набавки.
Да упростиме, ќе и се овозможи на Фондацијата, односно на нејзините раководни лица, по своја волја да одлучуваат како ќе ги трошат народните пари во вредност од над 20 милиони евра.
Или уште поупростено, со закон ќе си ја легализираат корупцијата.
Неверојатно, но вистинито.
Да сумираме, Проектот кој за да се добие, требаа десетина години исполнување административни процедури пред европскиот фактор, во локален контекст ќе го решиме со закон во кој пар луѓе одлучуваат за распределба на средствата.
Абрее будали европејци… Дојте си овде, ќе ви упростиме и ќе ви кажеме како е полесно.
И за крај – Среќен 2 Август на сите македонски граѓани, освен на оние кои со едно дигање рака во парламентарниот дом ќе ги шитнат ефтино гоцевите идеали.
Ние останатите сѐ уште го разбираме светот како поле за културен натпревар помеѓу народите.



