Картата на Африка која за глобална конференција за борба против Сида ја изработиле претставници на американската влада погрешно ги означи сите земји наведени на списокот од Африка. Ова се случило оваа недела на презентацијата на Стејт департментот на глобалната конференција што се одржа во Бразил, предизвикувајќи интерес и негодување кај присутните кои направија снимки од презентацијата и ги објавија на интернет, јавува новинската агенција Ројтерс.
Ројтерс анализираше видео од презентацијата одржана на конференцијата за СИДА 2026 во Рио де Жанеиро, на која се гледа погрешната карта прикажана на половина пат за време на презентацијата за новите здравствени договори на Стејт департментот.
Анализата откри дека сликата од картата вклучена во презентацијата содржи воден печат од вештачка интелигенција што сигнализира дека е направена со алатки на OpenAI. Компанијата соопшти дека го истражува извештајот.
Стејт департментот соопшти дека презема „целосна одговорност“ за предизвиканата конфузија и дека картата е изработена од член на тимот кој брзо го сменил слајдовот пред настанот.
Картата ја покажа Нигерија, каде што САД моментално имаат распоредено неколку стотици војници, како земја без излез на море во пустината Сахара. Мозамбик, кој се наоѓа во југоисточна Африка, беше преместен на Рогот на Африка, додека Брегот на Слоновата Коска во Западна Африка беше поставен на другата страна од континентот.
Снимките од екранот од мапата првпат се појавија во објава на платформата Субстак (Substack) од експертка за СИДА, Емили Бас, која присуствувала на настанот и тие беа широко споделени на неколку платформи меѓу кои и професионалната Линкедин (LinkedIn), при што една од објави доби околу 40.000 прегледи.
„Кој и да го создал и одобрил овој слајд, не знаел каде се земјите во Африка и не се грижел да ја провери својата работа“, напиша се дел од коментарите на социјалните мрежи кои се фокусираат на вештачката интелигенција.
САД: Посветени сме на борбата против сидата
„Ние ја преземаме целосната одговорност за конфузијата и лажното претставување што предизвика негодување кај присутните, вклучително и нашите африкански партнери“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Говорник на конференцијата беше Џеф Греам, врвниот американски здравствен претставник кој ја надгледува иницијативата позната како План за итни случаи на претседателот за помош при СИДА (PEPFAR). Тој не одговори на барањата за коментар на Ројтерс.
Стејт департментот рече дека дискусиите на конференцијата биле „суштински и конструктивни“ и покрај мапата и дека останува посветен на борбата против СИДА со реални резултати.
Одлуката на администрацијата на Трамп од минатата година да го паузира финансирањето во исчекување на преглед ги прекина програмите за помош низ целиот свет, но основната работа на организацијата за помош при Сида (PEPFAR), како што е обезбедувањето лекови што спасуваат животи, во голема мера е обновена.
САД ги намалуваат другите области од своите трошоци, вклучително и за превенција и надзор, и планираат целосно постепено да ја укинат програмата во Јужна Африка.



