Скриената цена на корупцијата

Објавено:

Во осумнаесеттото поглавје од своите Расправи за Ливиј, Макијавели го поставува прашањето дали може слободата т.е. слободната власт да се зачува во корумпиран град, ако таа веќе постои таму, односно да се воспостави, ако ја нема, за веднаш да одговори дека е многу тешко да се стори и едното и другото. [1]

Корупцијата во една држава—имајќи на ум дека Макијавели вели град бидејќи живеел во ерата на италијанските градови-држави—пополека но сигурно ја поткопува слободата на нејзините граѓани бидејќи нејзината широка распространетост, Макијавели тврди, ги разнишува темелите на слободната власт, на републиканското уредување на градот, загрозувајќи го неговиот опстанок.

Јован Пламенац, скоро заборавениот политички философ на Оксфордскиот универзитет, вака го сумира аргументот на Макијавели: „Макијавели тврди дека во република во која корупцијата отишла далеку, практично е невозможно да се врати слободата. За да се врати постепено, од страна на обновувачот е потребна далекувидост и способност да ги убеди другите да го променат своето однесување, квалитети кои се извонредно ретки. Додека за да се врати одеднаш, потребно е прибегнување кон методи кои лесно им доаѓаат само на злите“. [2]

Особено важно е да се напомене дека за Макијавели под слобода се подразбира отсуство од зависност. Слободен е оној човек што не зависи од другите. Уште поважно слободна е онаа држава која не зависи од друга, која самостојно ги носи своите одлуки. Значи, терминот слобода разбран на класично републикански начин потсетува на нашето современо поимање на автономноста.

Оттука, корупцијата во една држава јадејќи ја нејзината слобода и добро управување всушност ја урива нејзината независност, нејзиниот капацитет да одлучува и да биде учесник во меѓународните случувања а не пион. На домашен план го прави државниот апарат импотентен.

Арогатноста предизвикана од преголеми државни успеси понекогаш резултирала со корумпираност. Макијавели го дава примерот на Римјаните, кои откако „ги освоиле Африка и Азија и […] речиси цел Грција“, сигурни во својата слобода и надмоќ, престанале да бираат конзули според способноста, та почнале да се водат од „наклонетоста, определувајќи се за оние кои најдобро знаеле како да им угодат на луѓето, а не оние кои најдобро знаеле како да ги победат непријателите“. [3]

Ете, кратковидоста на ситниот интерес ги довела не да ги бираат оние што најдобро ќе ги извршуваат државните функции, туку оние од кои ќе извлечат нешто: некоја добивка, услуга или во модерен жаргон: „ќе им завршат некоја работа“. Но, ваквото снаоѓање има цена која подоцна се плаќа.

Нотирајќи ја меѓусебната зависност на законите (читајте правото) и моралот, на Макијавели му е јасно дека „не постојат закони или правила доволни за да ја ограничат сеопштата корупција“. Понатаму, „ако законите во еден град се менуваат“ со текот на времето, многу ретко е „неговите обичаи“ да варираат, што спречува „новите закони да бидат соодветни, бидејќи обичаите, кои остануваат исти, ги расипуваат“. [4]

Зарем не е разочарувачки да се прочитаат овие зборови кога гледаме како со децении извршната власт не се бави со ништо друго освен со продуцирање закони, а законодавната должност на Собранието е сведена на разликување меѓу зелената и црвената боја на копчето. Закони и закони се пишуваат, но никако да се спроведат. Владеењето е сведено на писарство. Оваа појава ја нареков „активистички фетиш“ во интервју на 24 Вести пролетта 2022 година.

Макијавели решението го гледа во мудар и добар поединец што ќе ги види злата на корупцијата уште во зародиш и ќе знае како да ги спречи. Но, тој е скептичен дека таков човек „ќе успее да ги убеди другите во она што самиот тој го разбира, бидејќи кога луѓето се навикнати да живеат на еден начин, тие не сакаат да се менуваат, а уште повеќе кога не го гледаат злото во лице, туку треба да им се укаже преку убедување“. [5]

Макијавели ќе предложи други методи, но јас ќе се задржам на сознанието колку е важна колективната димензија. Иако крилатицата на Пламенац дека аргументите на даден текст треба одново и одново да се одмеруваат што ја прави политичката теорија разговор со минатото за проникнување на сегашноста и иднината е одамна поразена од мене блиските контекстуалисти, во барањето на излезот од нашето немајкаде оваа анализа на Фиренчанецот што живеел пред 5 века може многу да ни помогне.

Конечно да ја видиме скриената цена на корупцијата—слободата. 

[1] Алан Гилберт (уредник), Machiavelli: The Chief Works and Others [Макијавели: Главните и други дела], том I, Duke University Press, 1989, стр. 240. Бидејќи Расправите за првата декада на Тит Ливиј не се преведени на македонски, а јас самиот не говорам италијански, во колумнава се потпрев на сопствениот превод од англиски.
[2] Јован Пламенац, Machiavelli, Hobbes, and Rousseau [Макијавели, Хобс и Русо], уредиле Марк Филп и Збигњев Пелчински, Oxford University Press, 2012, стр. 77.
[3] Гилберт, стр. 242.
[4] Исто. [5] Исто, стр. 242-243.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.