Кутрите Дата центри

Објавено:

Каков клик-бајт а? Мислевте ќе зеам да објаснувам за штетното или позитивното влијание на дата центрите? Да ја искажам својата експертиза на темата, ко просечен македонски граѓанин во контактна емисија. Да ја нападнам власта дека ги уништува природните ресурси или пак, опозицијата дека го спречува прогресот на нашата брзо-растечка економија.

Јок! Неам намера да „дрвам“ на теми кои ми се тотална непознаница, чиј начин на функционирање ми е познат на нивото на познавање на квантна физика.

Сепак Дата центрите имаат допирна точка со денешната тема.

Подкасти и инфлуенсери!

Кутрите тие дата центри што се треба да истрпи нивната база на податоци. Какви се малоумни содржини се принудени да чуваат и складираат.

Да би имале разум, би срипале и сами би ги банирале пола од содржините, популарно наречени „контенти“.
Овие контенти служат за полуписмени примитивци, со контрастен степен на интелигенција и самодоверба, да можат да го оправдаат своето постоење и истовремено да си најдат работа.

До тука и не е некој проблем… освен за напатената меморија на дата центрите. Секој има право да снима и објавува што му душа сака. На оној што воајерски скрола по екранот на мобилниот телефон е одлуката дали таа содржина ќе ја гледа или не.
Проблемот настанува кога сите овие глупоштии ќе почнат да ги преземаат и пласираат сериозните медиуми. Оние медиуми кои треба да подлежат под законски и етички обврски за коректно и достоинствено известување. На тој начин дебиливе и нивниот контент добиваат кредибилитет и се охрабруваат да ствараат нови глупоштии.

Во битката за гледачи и следачи, медиумите почнаа сериозоно да „соработуваат“ со оваа булумента. Наместо да селектираат програмски содржини и промовираат квалитет, програмските уредници и новинарите станаа промотери на секоја глуперда која е спремна пред екран да излупета што прво му „се лизне“ од мозок кроз усна шуплина. Новопечениве подкастери и контент креатори станаа ударна вест во медиумите.

Последниве 20-тина дена како највозбудлива вест беше пренесувана сагата од неуспешниот концерт на Боки 13 во Битола… па медиумски пресметки, па објави, броење, па деманти… Потоа искочи некое видео со недоделкан подкастер, кој на интервју дава изјава дека на состанок за спонзорство идел со кола од 50.000 евра, пошто ако се појави со кола од 500 евра никој пари немало да му даде. Постојано сме бомбардирани со животот и животните одлуки на треторазредни модели, чија висина на штикли не го надминува праменот од шишката на Лионел Меси.

Да не заборавиме и дека изминатава недела еден интернационален баскет-кловн инфлуенсер беше на прием кај министерот за надворешни!?! Истото објавено како главна медиумска вест.

Овие појави најчесто немаат прочитано лектира за трето одделение, но се доволно релевантни за некому да поставуваат прашања во својот подкаст, талентот за музика е рамен на крекава жаба, но се спремни за својот грандиозен концерт, а глумачкиот хендикеп го користат за да снимат кретенска реклама за следниот нивни клиент од кој ги извлекле оние 5000 евра од горе-споменатиот состанок.
Знам дека сега половина од вас ќе рипнат со став „ама тие си ги имаат социјалните мрежи, што ќе им е конвенционален медиум“. Но не е баш така.

Точно е дека тие секако имаат начин да ги паласираат своите содржини на социјални мрежи, но како што кажав и погоре, кредибилитетот го добиваат кога ќе стапнат во конвенционален медиум.

И ко за беља, конвенционалните медиуми не ги бираат за промоција оние кои ги користат социјалните мрежи за да промовираат квалитетни содржини, оние контент креатори кои имаат суштина и знаење. Па на вистински квалитетни луѓе и содржини да им помогнат во пренесување на нивните ставови во јавноста. Не, тие строго промовираат идиоти чие однесување по дифолт е базирано на контроверза и „откаченост“.

А замислете само во рубриките „сцена“ и „култура“ телевизиите, радијата и сериозните интернет портали да почнат да ги промовираат младите и талентирани бендови, актери, режисери, уметници или пак луѓето кои на социјални мрежи пласираат активистички содржини, квалитетен хумор, едукативен подкаст…замислете.

Веројатно ќе развиевме критичка мисла, веројатно ќе ги исмевавме негативните општествени појави, веројатно ќе изградевме поквалитетно општество, веројатно ќе влијаевме на формирање здрави нови генерации кои ќе беа коректор на социјалните негативитети кои ни претставуваат нормалност и секојдневие.

Не е ова квантна физика, ова е многу остварлива, разбирлива реалност. Само треба да се има волја и желба.

И да, секако потребна ни е поголема контрола на медиумскиот простор и поодговорна селекција на програмските содржини, поготово во медиумите кои имаат концесија за емитување програма.

Се надеваме дека ова има надеж да се случи во блиска иднина… а до тогаш дај боже да се развие конструктивна дебата од релевантни луѓе, кои навистина ќе ни ги објаснат добрите и лошите страни од функционирањето на дата центрите.

Ве молам само побрзо, пред да нападнат инфлуенсериве со подкасти на темата!

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.

Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став.