Светот се соочува со сè поинтензивни последици од климатските промени, предупредуваат водечките научни и меѓународни организации. Најновите податоци од Меѓувладиниот панел за климатски промени и Конвенцијата на Обединетите Нации за климатски промени покажуваат дека глобалното затоплување се интензивира, а екстремните временски појави стануваат нова реалност.
Според најновите научни анализи и извештаи, планетата е „алармантно блиску“ до надминување на границата од 1,5°C затоплување. Ова е прагот кој научниците го сметаат за критичен за избегнување неповратни последици. Надминувањето на оваа граница би значело поголеми суши, поплави и топлотни бранови, но и ограничени можности за адаптација.
Антарктикот би можел да се загрее 1,4 пати побрзо од остатокот од Јужната хемисфера во наредните децении, што би предизвикало екстремно зголемување на нивото на морето и уништување на поларните екосистеми, покажуваaт најновите истражувања на онлајн медиумот „Live science“.

Ова забрзано затоплување на Антарктикот во однос на другите региони, познато како антарктичко засилување, веројатно би се случило ако глобалните температури достигнат 2 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, според студијата. Светот веќе се затоплил за 1 степен, но темпото со кое се поставуваат нови температурни рекорди се интензивира. Ако емисиите останат околу сегашните нивоа, веројатно ќе достигнеме затоплување од 2 степена околу 2050 година – но ако емисиите продолжат да растат, прогнозите на научниците се дека би можеле да го достигнеме тој праг околу 2040 година.
„Сега гледаме нагли промени што се случуваат на Антарктикот, со многу брзо темпо. Во оваа нова студија, авторите прогнозираат дека долгорочното површинско затоплување на океанот околу Антарктикот, проектирано од климатските модели во текот на наредниот век, води до засилено топење на Антарктикот“, вели Ариан Пурич, виш предавач и климатолог на Универзитетот Монаш во Австралија.

Нивните наоди – објавени на 22 декември 2025 година, во списанието „Геофизички истражувачки писма“ сугерираат дека Антарктикот ќе се затоплува побрзо од Јужната хемисфера како целина co идните климатски услови.
Истовремено, нови истражувања покажуваат дека климатските екстреми веќе значително се зголемиле. Комбинираните суши и топлотни бранови се зголемиле речиси осум пати во последните децении, што директно влијае врз земјоделството и снабдувањето со храна.
Дополнително, научниците предупредуваат дека рекордните температури, како оние забележани во Северна Америка во 2026 година, би биле „практично невозможни“ без климатските промени.
Загрижува и порастот на нивото на морињата. Според најнови истражувања објавени во реномирани научни списанија, нивото на океаните се проценува да надмине 30 сантиметри на глобално ниво, што дополнително ја зголемува заканата за крајбрежните заедници.
Сериозни ризици за Европа
Европа, исто така, се соочува со сериозни ризици. Научниот совет за климатски промени предупредува дека континентот треба да се подготви за можен пораст на температурите до 3°C до крајот на векот, при што сегашните мерки се оценети како недоволни.
Независни советници за климатски прашања на Европската Унија неодамна соопштија дека Унијата не е подготвена за влошување на климатските промени и побара итно да ги засили своите инвестиции за заштита на луѓето и инфраструктурата од растечките поплави, пожари и силни топлотни бранови.

Економската штета врз европската инфраструктура и згради од временските и климатските екстреми сега изнесува 45 милијарди евра годишно, што е пет пати поголема отколку во 1980-тите, покажуваат податоците на ЕУ.
Иако ЕУ има амбициозни цели за намалување на стакленичките гасови (главната причина за климатските промени) нејзините напори не успеаја да се прилагодат на екстремните временски услови што климатските промени веќе ги поттикнуваат, предупредија советниците на Европскиот научен советодавен одбор за климатски промени.
Во меѓувреме, глобалната климатска политика се соочува со нови предизвици. Одлуката на САД да се повлечат од клучни меѓународни климатски договори предизвика остри реакции и предупредувања дека тоа може да ја ослабне глобалната борба против климатските промени.
И покрај мрачните прогнози, експертите нагласуваат дека сè уште постои можност за избегнување на најлошите сценарија – но само доколку се преземат „итни, брзи и големи“ мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови.


