ОOН документира сексуално насилство и тортура од руските сили во Украина

Објавено:

Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека документирала широко распространето сексуално насилство и тортура во Украина, при што руските власти, вклучувајќи ги и припадниците на војската, затворските чувари и полицајците, се одговорни за 89 проценти од истражените случаи, пренесува агенцијата ДПА.

„Најмладата жртва на злосторства извршени од руските сили е четиригодишно девојче, а најстарата е 82-годишна жена“, изјави Даниел Бел, раководителка на Мисијата за мониторинг на човековите права на ОН во Украина.

Нејзиниот тим документирал 1004 случаи од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, иако истражителите можеле да разговараат само со некои од жртвите.

„Тие 1004 случаи се само дел од реалноста“, изјави Бел.

Наодите се базираат на доверливи интервјуа со стотици жртви, како и на судски записи и официјални документи.

Тимот нема пристап до областите под руска окупација и може да разговара само со луѓе кои се ослободени од заробеништво и пристигнале на територија контролирана од Украина.

Канцеларијата на ОН документирала злоупотреби што вклучуваат силување со затворски клучеви или рачки од лопата, групно силување, тепање и осакатување на гениталиите, како и тортура со електрични шокови.

Повеќето од жртвите се мажи кои биле притворени. Многумина изјавиле дека претрпеле тортура со електрични шокови во гениталната област.

Руските воени затвореници, исто така, пријавиле сексуално насилство.

Од 112 случаи на злоупотреба документирани од тимот на ОН во кои се вклучени руски воени затвореници, половина вклучувале закани, а не физички форми на сексуално насилство, соопшти агенцијата.

„Украина му дозволува на тимот на ОН пристап до сите логори за воени затвореници, додека Русија не соработува“, истакна Бел.

ОН ги повика и Русија и Украина брзо, темелно и непристрасно да ги истражат сите веродостојни обвинувања и да ги изведат одговорните пред лицето на правдата, без оглед на нивниот ранг или припадност.

Последни објави